Јелен: Мора да ги преземеме сите мерки за да ги спасиме банкарските депозити

61

Американскиот министер за финансии Џенет Јелен изјави дека е подготвена да преземе дополнителни мерки за да се осигура дека банкарските депозити на Американците ќе останат безбедни поради турбуленциите во банкарскиот систем.

„Користевме мерки за брзо дејствување за да спречиме прелевање на кризата“, рече Јелен на сослушувањето на Комитетот за доделување средства на Претставничкиот дом на САД, пренесува Ројтерс.

„Тоа се средства кои би можеле повторно да ги искористиме за институција од која било големина, ако оцениме дека нејзиниот неуспех би претставувал системски ризик“, додаде таа.

Јелен, исто така, рече дека притисоците во синџирот на снабдување и трошоците за испорака паѓаат и дека на крајот најверојатно инфлацијата ќе се намали.

Силиконската долина банка (SVB) беше преземена од федералните регулатори на 10 март, како и Signature Bank неколку дена подоцна. Повеќе федерални агенции, вклучително и американското Министерство за правда и Комисијата за хартии од вредност, го истражуваат случајот СВБ.

Претседателот на Комисијата за финансии на Претставничкиот дом, Патрик Мекхенри, рече дека е премногу рано да се каже дали е потребна нова легислатива по колапсот на две банки, додека претседателот Џо Бајден рече дека банкарската криза стивнала и им вети на Американците дека нивните депозити се безбедни.

Јелен, исто така, им рече на пратениците дека Русија и Кина се мотивирани да се обидат да развијат алтернатива на американскиот долар, но дека ќе им биде „исклучително тешко“ да го сторат тоа.

Фото: Facebook