Јовановиќ:Време е да се постави нов модел – поддршка на иновации и домашни фирми и производство на квалитетни и високотехнолошки производи

Поголемо индиректно отколку директно влијание врз македонската економија ќе има новата царинска тарифа од САД забележуваат економски аналитичари бидејќи македонскиот извоз на американскиот пазар е мал, додека кон европскиот каде што земјава извезува многу поголема количина на производи ќе биде сериозно погоден.

За тоа какви се можните алтернативи за земјите од Балканот кои се соочуваат
со наметнати царини од САД и дали регионот има потенцијал да ги пренасочи своите извозни пазари кон други региони, професорот Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии за Бизнис Инфо вели дека ќе треба време за тоа, како и поддршка од владите.

„Има потенцијал, секако, само што ќе треба време за тоа, како и поддршка од владите. Фирмите сами не можат многу да направат, ама ако владите се ангажираат и почнат да разговараат со други држави, дали од регионот, дали од Истокот, за зголемена економска соработка, па организираат средби за тоа и слично, можно е.

Освен ова, владите сега имаат шанса да го променат и нефункционалниот економски модел кој го градевме изминатите три децении, кој беше заснован на евтина работна сила, ниски даноци, привлекување странски фирми за масовно производство, и немешање на државата во економијата. Сега е време да се постави нов модел, кој ќе биде заснован на поактивна улога на државата, поддршка на иновации и домашни фирми, и производство на квалитетни и високотехнолошки производи“, вели економскиот аналитичар.

Се наметнува и прашањето како централните банки ќе реагираат со
намалувањето на каматните стапки или пак со други мерки за стимулирање на
економијата.
„Централните банки сега се во незгодна ситуација, затоа што од една страна треба да ги намалуваат каматите поради слабиот раст, но од друга страна, не смеат да го прават тоа премногу, затоа што инфлацијата е сѐ уште висока, а може и дополнително да расте, поради царините. Јас сепак очекувам нашата Народна Банка да ја намали малку каматата во втората половина од годината, ако инфлацијата ќе падне под 3% во континуитет од неколку месеци. Сепак, тоа нема да има некаков преголем ефект врз економијата, затоа што монетарната политика кај нас не е толку моќна. Ако Американската централна банка ја намали каматата, тоа ќе има многу поголем ефект, затоа што ќе ги смири берзите. Меѓутоа, не сум сигурен дека ќе го направат тоа во блиска иднина, затоа што ризикот од инфлација таму поради царините е навистина голем“ вели Јовановиќ.

При вакви економско-политички напади на најголемиот пазар во светот, голем број инвеститори се вознемирени, пазарите реагираа, индексите паднаа во САД и Европа, па и во Македонија. Што се однесува до влијанието врз секојдневниот живот, може да се очекува дека оваа криза ќе влијае и врз глобалните синџири на снабдување, велат економските аналитичари.
За тоа како кризата на берзите, односно нивниот колапс, ќе се одрази на
просечниот човек, на некој што не поседува акции Јовановиќ вели дека големите берзански крахови секогаш го погодуваат обичниот човек, дури иако тој не поседува ништо, честопати дури и повеќе одoшто ги погодуваат богатите.

„Сетете се само на кризата од 2007-2008, кога милиони луѓе во Америка останаа без домови, а банкарите си земаа милионски бонуси. Причините се различни, и зависат од тоа каква е кризата, ама во суштина, берзанските крахови ги погодуваат фирмите, поради зголемената неизвесност, намалената побарувачка, одложувањето на разни инвестициски проекти, неможноста да се земе кредит и слично. Поради тоа, многу фирми почнуваат да отпуштаат луѓе, а некои дури и пропаѓаат“. Дали ова ќе се случи и сега, останува да се види, и ќе зависи од тоа колку кризата ќе потрае. Ама ако берзите продолжат да паѓаат и во наредните недели, мислам дека се големи шансите да дојде до ова“, вели Јовановиќ.