Каде најчесто се губи багажот – листа на земји каде што е најверојатно да ви исчезне куферот

Ако некогаш сте се грижеле дека вашиот багаж ќе исчезне помеѓу две авионски врски, новото истражување објавено од веб-страницата „Brilliant Maps“ врз основа на јавно достапни податоци и извештаи од корисници, креиран е список на земји и авиокомпании со најголем број изгубени багажи во последните 30 дена.

На врвот на листата на земји каде што е најверојатно да ви исчезне куферот е Ирска, каде што во просек се губи по едно парче багаж на секои 93 патници, односно во 1,07% од случаите. Следат Индија, Шпанија, Велика Британија и Швајцарија. Од другата страна на спектарот е Јапонија, каде што се пријавува само еден изгубен багаж за речиси 7.700 патници – импресивна статистика што ја потврдува репутацијата на Јапонија за точност.

Кога станува збор за авиокомпаниите, најлошо рангирана е канадската компанија WestJet, која изгубила багаж кај речиси 2% од патниците – поточно, кај еден од секои 51. По неа следуваат Aer Lingus, Air India, British Airways и Iberia. И тука, Јапонија е најбезбедната дестинација – ANA (All Nippon Airways) е меѓу најдобрите, со само 0,01% изгубен багаж.

Интересно е што и на двете листи – на земји и авиокомпании – се наоѓаат Србија, која е рангирана на 25-то место меѓу земјите, и нејзината национална авиокомпанија Ер Србија, која е рангирана на 39-то место, со просек од еден изгубен багаж на 495 патници (0,20%). Македонија не е на оваа листа.

Овие статистики можат да им бидат корисни на патниците при планирањето на нивните патувања, особено кога станува збор за летови со поврзување или летови со чекиран багаж. Иако изгубениот багаж е незгодна, но често привремена ситуација, податоците покажуваат дека изборот на авиокомпанија и рута може значително да го зголеми или намали ризикот.