Како да бидете господар на своето време

84

casovnik-pesok

Фото: Pixabay

Како да се постигне повеќе за помалку време? Ова сигурно ви создава притисок како да го менаџирате времето за да бидете поефикасни, помалку под стрес и на крајот на денот, задоволни од постигнатото. Ако не знаете да менаџирате со времето, тогаш веројатно не ги завршувате проектите на време или пропуштате важни состаноци. За да ги избегнете сите овие работи, inc.com нуди совети како да станете господар на своето време:

1. Започнете со лесни задачи што можете да ги завршите брзо

Ставајќи ги први на листата задачите што можат да се завршат брзо, ќе можете да им посветите поголемо внимание на поголемите проекти. Исто така, ќе ги тргнете од глава поситните работи и нема да мислите на нив. Ако на пример имате листа од 20 работи што треба да ги сработите денес, елиминирањето на барем пет дополнително ќе ве мотивира да продолжите со работата. Со брзо кратење на работите од листата, го кратите и стресот што го предизвикуваат долгите листи на обврски.

2. Разделете ги големите задачи на помали

Понекогаш е тешко да одлучите од каде да почнете кога имате да завршите голем проект. За полесно да се соочите со ова, разделете го проектот на помали задачи што ќе можете да ги завршите без многу стрес.

3. Листата задачи за утре направете ја денес

Пред да си одите дома од работа, последно нешто што треба да се прави е да се состави листа на работи што треба да ги направите за утре. Вака ќе бидете подготвени за работа следниот ден.

4. Игнорирајте се што ви одвлекува внимание

Има толку многу работи што можат да ве извадат од колосек. Телефонски повици, пораки, отворен Фејсбук. Игнорирајте што повеќе работи што ви го одвлекуваат вниманието и останете фокусирани на завршувањето на листата. Едноставен начин да го направите ова е да блокирате се половина час секој ден и само фокусирајте се.

5. Без мултитаскинг, ако можете

Ќе почнете многу работи одеднаш и на крај може да се случи да не завршите ниту една до крај. Истражувањата покажуваат дека со мултитаскингот се намалува продуктивноста. Ако на секоја задача се фокусирате одделно, ќе бидете поефикасни во она што го правите.