Како да бидете среќни на работа

28

Фото: Pixabay

Една третина од денот го поминувате на работа, па од таа причина водете сметка како го поминувате времето додека сте посветени на кариерата. Среќата на работното место не зависи само од тоа дали ја сакате својата работа, туку и од односот кон работата, тимот, атмосферата, подготвеноста да одговорите на предизвиците…

Не дозволувајте работата да биде вашиот живот

Работата треба да ве исполнува, да бидете посветени и фокусирани на она што го работите, но не дозволувајте стресот, обврските и проблемите од работата да ве окупираат 24 часа. Доколку поставите јасна граница меѓу приватниот и професионалниот живот, ќе ви биде полесно да ги совладувате предизвиците на сите полиња.

Фокусот нека ви биде на процесот, а не на исходот

Процесот подразбира низа активности што ќе ве водат до крајната цел. Она за што треба да бидете свесни е дека ваша задача се активностите, а крајниот исход не е зависи само од вас. Тука постојат безброј фактори што се надвор од вашата моќ, па затоа не се оптоварувајте со работи над кои немате контрола.

Почитувајте ги колегите и соработниците

Ниту еден човек не може да (не)успее сосема сам. И за успех и за неуспех му се потребни колеги, соработници, менаџери, директори… со кои ќе може да ги сподели обврските, но и визијата за раст и развој. Без оглед на позицијата на која се наоѓате, секогаш почитувајте ги вашите подредени, надредени колеги и соработници, бидејќи и тие имаат свое мислење, чувства, искуство… Покажувајќи емпатија сте чекор поблизу до пријатна работна атмосфера без напнатост. Напротив, во такви услови ќе владее хармонија, пријателство, поддршка и сите потешкотии ќе се пребродат побезболно.