Фото: Pexels
Да добиете се што сакате во кариерата и во животот не е толку тешко колку што изгледа. Барем така вели Дејв Керпен, извршен директор на Likeable Local, соосновач на Likeable Media и автор на бестселерот Likeable Social Media and Likeable Business. Како вовед во неговата трета книга, тој за Inc.com открива како е можно секој да биде успешен во се што прави.
Научете да слушате
Слушањето е најважна особина во професионалните и персоналните врски. Повеќето луѓе не слушаат. Тие имаат своја агенда и презафатени се со зборување. Ако, за разлика од повеќето луѓе, навистина можете да слушате со емпатија, тогаш ќе им се допаднете на луѓето и на крајот ќе ви помогнат да го добиете она што го сакате.
Помагајте им на другите
Ако им помагате на другите, ќе ви помагаат и на вас. Понудете им помош на другите без да очекувате ништо за возврат, верувајте дека ќе ви се врати двојно.
Бидете свои
Ако луѓето ви веруваат, тогаш ќе сторат се за вас. Отворете се пред луѓето и ќе бидете наградени.
Раскажувајте, не продавајте
Што и да е вашиот продукт, услуга, идеја што сакате да ја продадете, откажете се од “продавање”. Наместо тоа, фокусирајте се на раскажување приказна, претставете ја иднината, направете слика што ќе се случи ако го добиете тоа што го сакате. Ако сте добар раскажувач, луѓето ќе сакаат да бидат дел од вашата приказна.
Внесете страст
Страста е заразна, но исто така и недостатокот на страст. Ако нема страст во тоа што го зборувате, тогаш зошто другите би ве слушале? Ако сакате нешто, тогаш треба да сте повозбудени од другите. Ако не сте возбудени, можеби не ви е толку важно.
Изненадете ги другите
Кога ќе ги изненадите и воодушевите другите, ги правите да се чувствуваат посебно. Ако пријатно ги изненадите кога не го очекуваат тоа, ќе ги направите среќни и бидете уверени дека тоа со време ќе ви донесе огромни резултати.
Користете ги најважните зборови во бизнисот и во животот
Велете “извини” и “благодарам” колку можете почесто. Овие зборови се толку едноставни, а често луѓето не ја согледуваат важноста да ги кажуваат. Искреноста кон луѓето е моќна емоција што се пренесува и отвора многу врати.