Како да ги остварите вашите права во осигурувањето?

70

Осигурувањето е однос којшто настанува врз основа на договор или закон, во којшто едната страна, осигурител, ја презема обврската дека на другата страна, осигуреникот или на третото лице во чија корист се склучува осигурувањето ќе ја надомести штетата кај осигурувањето на имот, односно да ја исплати договорената сума на пари кај осигурувањето на лица, во случај да настапи предвидениот настан (осигурен настан), а под услов осигурениот да му уплатува определен износ на премија во предвидениот временски период.

Осигурувањето им овозможува економска заштита на осигурените (правни и физички) лица од штетните дејствија и економските пореметувања до кои доаѓа кога ќе настане осигурениот настан, односно кога ќе се оствари ризикот во сите фази на општествената репродукција или во секојдневниот живот на луѓето. Како субјекти во осигурителното право се јавуваат физички и правни лица кои директно или индиректно се јавуваат како даватели или корисници за заштитата што ја дава осигурувањето.

Текот на постапката за надоместување на штета е уреден со Правилниците за работа на друштвата за осигурување. Постапка за надомест на штета започнува со пријава на штетата кај друштвото за осигурување, потоа следи собирање на валидна документација, утврдување на правата на надомест, оцена, утврдување на висината на надоместот, контрола на штета и одобрување на исплата, пополнување на образец за платниот промет за исплата и евидентирање на исплатата.

Доколку оштетениот не е задоволен од утврдената висина на име надомест на штета има право преку тужба да од надлежниот судот да бара тој да ја утврди висината на надоместот на штета која друштвото за осигурување ќе му ја исплати нему. Постапката за надомест на штета пред друштвото за осигурување е задолжителна, и доколку истата не е спроведена, судот ќе го отфрли тужбеното барање, односно таа претставува предуслов за судска постапка.

Агенцијата за супервизија на осигурување – место кое врши заштита и остварување на правата и интересите на осигурениците, корисниците на осигурување и трети оштетени лица

Претставка до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) се поднесува со цел заштита и остварување на правата и интересите на осигурениците, корисниците на осигурување и трети оштетени лица. Осигурениците, корисниците на осигурување и трети оштетени лица имаат право да поднесат претставка до АСО за работата на друштвата за осигурување и/или реосигурување, осигурително брокерските друштва, друштвата за застапување во осигурување, застапниците во осигурување и Националното биро за осигурување (субјекти).

Доколку лицата не можат да ги остварат своите права согласно договорот за осигурување (полисата) или нивните права се загрозени со активност од страна на Субјектите, потребно е прво писмено да се обратат до истите. Доколку не се задоволни од одговорот или Субјектот не ги извести во рок од 30 дена, тогаш имаат право да поднесат претставка до АСО.

Претставката доставена до АСО треба да содржи:

  • копија од договорот за осигурување (доколку постои);
  • копија од претставката поднесена до Субјектот;
  • одговор по претставка од Субјектот;
  • друга документација потребна за одлучување по претставка.

Претставката може да се поднесе:

  • во писмена форма (непосредно во АСО или по пошта),
  • во електронска форма (pretstavki@aso.mk)  или
  • лично во АСО со изготвување на записник.

АСО не ги разгледува претставките за кои се води судска постапка или за нив е веќе донесена судска пресуда. Агенцијата не постапува по анонимни и претставки со навредлива содржина, туку по целосна и комплетирана документација.