Како да го надмудрите стресот

49

 

Стресот станува секојдневие за многумина, а најчесто се препишува на брзиот и динамичен живот, поголема конкуренција, непредвидливи ситуации… Без разлика дали изворот на стрес доаѓа од приватниот живот или од работата, обидете се да ги користите овие техники за полесно да се справите со него.

Утринска гимнастика – како лек против стрес. Се смета дека утринската гимнастика полесно го буди организмот, го поттикнува крвотокот и на тој начин мозокот е подготвен да се справи со сите предизвици што ги носи денот. Доколку на работа ви се случи некоја непредвидена ситуација, што може да ве “исфрли од колосек“, станете од столчето, подигнете ги рацете на главата, а потоа наведнете се за да го допрете подот. Повторете ја оваа лесна вежба и полесно ќе се почувствувате.

Техника за правилно дишење – иако е можеби неверојатно, научно е докажано дека вежбите за правилно дишење позитивно влијаат и го ослободуваат организмот од насобраниот стрес. Дишете полека и рамномерно, длабоко вдишете преку уста, па лесно издишете преку нос. Издишувањето би требало да трае малку подолго од вдишувањето.

Храна како лек против стрес – избалансираната исхрана е предуслов за квалитетен живот во секоја смисла. Постои храна што влијае на расположението и се препорачува за луѓе кои се премногу изложени на стрес. Намирници што имаат анти – стрес дејство се: зелениот лиснат зеленчук (блитва, спанаќ), мешунки (грав, боранија, грашок), јаткасти плодови (индиски ореви, бадеми, лешници), морски плодови и на крајот нејзиното величество – црното чоколадо.

Не заборавајте да се насмевнете – велат дека насмевката е единствената крива линија што може да исправи многу работи. Не барајте нешто премногу големо или силно, за да се насмеете. Доволно е да му се насмевнете на утрото, на вашето семејство, првиот сосед што ќе ве сретне, продавачот на вкусни ѓевреци наутро, таксистот, колегата, шефот… 🙂