Како да го остварите правото на инвалидска пензија: Кои услови треба да ги исполнувате?

1690

Со првиот пензиски столб, а врз начелото на социјална праведност и генерациска солидарност, се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со Законот којшто го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Правата од пензиско и инвалидско осигурување се стекнуваат и остваруваат во зависност од начинот, должината и обемот на вложувaњето на средствата за пензиско и инвалидско осигурување под услови утврдени со овој закон.

Системот на пензиското и инвалидското осигурување во Македонија е составен од:

  • задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на генерациска солидарност (прв столб);
  • задолжително капитално финансирано пензиско осигурување (втор столб) и
  • доброволно капитално финансирано пензиско осигурување (трет столб).

Права од пензиско и инвалидско осигурување се:

1) право на старосна пензија;

2) право на инвалидска пензија;

3) право на професионална рехабилитација и права на соодветни парични надоместоци;

4) право на семејна пензија;

5) право на паричен надоместок за телесно оштетување и

6) право на најнизок износ на пензија.

Како да го остварите правото на инвалидска пензија

Осигуреникот кај кого ќе настане општа неспособност за работа, како и осигуреникот со преостаната работна способност кој поради навршување на одредени години на живот не може со професионална рехабилитација да се оспособи за вршење на друга соодветна работа стекнува право на инвалидска пензија ако ги исполнува следните услови:

1) инвалидноста е причинета со повреда на работа или професионална болест – без оглед на должината на пензискиот стаж или

2) инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест под услов пред настанувањето на инвалидноста, односно на денот на престанокот на осигурувањето по настанатата инвалидност да е постар од 45 години живот и да има навршени најмалку 12 години пензиски стаж или

3) инвалидноста е причинета со повреда надвор од работа или со болест доколку осигуреникот има навршено над 30 до 37 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 30% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години, а осигуреникот има навршено над 37 до 45 години живот, треба да има пензиски стаж кој му покрива 40% од работниот век, сметајќи го работниот век на полни години.

Осигуреник кај кого инвалидноста настанала пред навршување на 30 години живот како последица на повреда надвор од работата или болест се здобива со право на инвалидска пензија ако на денот на настанувањето на инвалидноста имал својство на осигуреник и ако:

1) инвалидноста настанала до навршување 20 години живот, ако имал најмалку шест месеци стаж на осигурување;

2) инвалидноста настанала до навршување 25 години живот, ако имал најмалку девет месеци стаж на осигурување;

3) инвалидноста настанала до навршување 30 години живот, ако имал најмалку 12 месеци стаж на осигурување.

Осигуреникот – воен инвалид од I до VI група, како и друг инвалид кој е изедначен со мирновременски воен инвалид од V до VI група кај кого во смисла на член 38 на Законот за пензиското и инвалидското осигурување се оценува инвалидност не може да работи повеќе од половина од полното работно време се здобива со право на инвалидска пензија ако ги исполнува условите од став (1) на овој член без оглед на тоа дали со или без преквалификација или доквалификација може да се оспособи за друга соодветна работа. Како работен век за осигуреникот кој со редовно школување се стекнал со средна, виша односно висока стручна подготовка се смета времето од навршување на 20, 23 односно 26 години живот до денот на настанувањето на инвалидноста. На осигуреникот кој по навршување на 20 години живот бил на отслужување на воениот рок работниот век му се намалува за времето колку што траел отслужениот воен рок.