Фото: Pixabay
Секој имал лоши денови во животот. Некогаш е само еден лош ден, некогаш се неколку во серија. А кога лошите денови ќе се заредат еден по друг, може да доведат до привремена депресија и воопшто, до негативен поглед кон животот.
Кевин Даум, авторот на бестселерот Video Marketig for Dummies добро знае како е да се има лош период во животот. Во рок од две години му пропаднал бизнисот, бил финансиски “исцицан”, на близок член на фамилијата му бил дијагностициран рак и му се распаднал бракот по 24 години заеднички живот. Денес тој (и членот на фамилијата) се опоравени, среќен е и успешен. Но, од траумата научил вредни лекции кои можат да ви помогнат да останете позитивни во тешките моменти, без разлика колку долго траат. Ова се неговите лекции од сопственото искуство, кои ги напиша за Inc.
1. Внимателно со оптимизмот
Многу луѓе сметаат дека оптимизмот е патот до среќата. Тоа е глупаво. Секако дека песимизмот не е од помош во лошите времиња, но има и други начини. Оптимизмот често води кон депресија и разочарување. Кога работите не одат добро, вистината е во прагматизмот и неговиот избалансиран поглед на нештата. Прагматизмот значи да имате верба во тоа дека се ќе биде во ред, но истовремено да се соочите со “бруталните факти” дека нема да имате контрола врз тоа кога и како ќе се подобрат работите. На овој начин, дополнителните проблеми нема да ги чувствувате како голем неуспех, ќе можете да управувате со својата нетрпеливост и да ги надминете сите пречки на патот назад до среќата.
2. Дисциплина и само дисциплина
Изградете строг систем за справување со проблемите, бидете зафатени цело време и не му се препуштајте на очајот. Во моите црни денови направив шема на активности – комуникација со луѓе, пишување и физичка активност. Комуникацијата со луѓе ми помогна да не се чувствувам осамено, пишувањето ми дозволи креативна активност и многу потребното емоционално ослободување, додека физичката активност го ослободува ендорфинот и ми овозможи да контролирам барем една работа во тие моменти – моето тело.
3. Потпирајте се на околината
Многу луѓе се затвораат во себе кога ќе дојде тежок период. Не сакате да ве гледаат како плачко или пак ви е срам од ситуацијата во која сте западнале. Најдете луѓе кои ви се блиски и кои можат да ве ислушаат. Но најважно е да не ги оставите да ве тешат со оптимизам од типот “се ќе биде во ред”, туку очекувајте од нив да бидат брутално искрени со факти од нивна гледна точка. По некое време се чувствував уморно од тоа да се слушам како се жалам, па чувствував потреба да споделам по некоја добра вест со пријателите што ме слушаа. Денес сум прв да го поддржам пријателот кога ќе има лош ден.
4. Откријте го хуморот
Во се што ни се случува, колку и да е трагично, секогаш има одредена доза на хумор, гледано во ретроспектива. Хуморот е начин на кој остануваме присебни во ситуации што се надвор од наша контрола. Во ситуации да бирам плачење или да ја најдам смешната страна во лоша ситуација, јас избирав да се смеам. Смеењето ја намалува напнатоста и ја олеснува душата.
5. Славете ги победите (особено малите)
Не постои целосно лош ден. Да, може лошите случки да доминираат, но секогаш се наоѓа по нешто позитивно. Иронично е тоа што моите најголеми успеси произлегле од обесхрабрувачки ситуации. Дури и кога сум одел еден чекор напред, а два назад, малите победи се тие што ми даваа самодоверба да продолжам. Наскоро, малите победи ќе доведат до големи победи, ако ништо друго, тогаш поради фактот дека можностите им се отвораат на луѓе кои често победуваат.