Фото: Pexels
Стресот е неизбежен на работното место. Одредени ситуации се малку повеќе стресни од останатите и можат негативно да влијаат на вашето здравје.
За да можете полесно и побрзо да “излезете” од такви ситуации, применете ги следниве четири чекори:
Емотивна детоксикација
Не ги игнорирајте своите емоции. Ако постојано ги потиснувате негативните емоции, не е исклучена можноста за појава на болка, па дури и болест. Потребно е прво да ја дефинирате вашата емотивна состојба, да увидите зошто така се чувствувате и кои се мислите што ви предизвикале сомнеж, страв, фрустрација. Сè потекнува од вашето размислување, но најважно од сè е што вие можете да ги контролирате. Кога веќе ги одбирате вашите мисли, тогаш одберете ги оние што прават да се чувствувате добро и сигурно.
Анализа на ситуацијата
Откако ќе го постигнете внатрешниот мир, преминете на проблемот. Пробајте смирено да ја опишете ситуацијата од која барате излез, онака како што би направил некој што не е поврзан со проблемот. Евидентирајте две работи – што се случило и зошто, но тоа нека биде сосема објективно. Разгледајте ја ситуацијата од сите страни и пристапете му на проблемот исто објективно, без емоции.
План за решавање на проблемот
Штом ќе постигнете емотивна стабилност и објективно ќе ја согледате ситуацијата, време е за решавање на проблемот. Напишете неколку алтернативи што можат да ве извадат од кризната ситуација. Притоа водете сметка за чекорите што треба да се преземат со секоја од алтернативите, а потоа одберете ја онаа што најмногу ќе ви одговара.
Позитивни страни
Дозволете му на искуството да ве научи како полесно да ги контролирате своите мисли и чувства. Секоја ситуација, колку и да е тешка, не се случува без причина. Како инаку ќе знаете за што сè сте способни и со какви проблеми можете да се справите. Најдобар дел од решавањето на проблемите е вашиот личен и деловен напредок. Не постои ништо што не умеете да го направите со силата на волјата и соодветните активности.