Како да ја добиете довербата на потрошувачите на интернет?

42

int-prodazba

Фото: Pixabay

Стекнување на доверба кај потрошувачите на интернет е долготраен и сложен процес, но и процес што ги надминува инвестициите и може да гарантира деловен успех. Во зависност од тоа за каков бизнис се работи довербата на клиентите можете да ја добиете на полесен или потежок начин.

Доколку веќе имате база на клиенти кои сте ги стекнале offline  со нив побрзо и полесно ќе воспоставите квалитетен однос и на интернет, преку вашата веб страна, Facebook страна или преку одреден форум. Предизвикот ќе биде поголем доколку на вашиот бизнис не му е потребен работен простор или место за лична средба со клиенти, или пак доколку за прв пат се сретнува со истиот на интернет.

Сепак, постојат некоколку универзални правила што треба да се примент без разлика на карактеристиките на вашето работење:

Бидете веродостојни

Преку официјална веб страна, изгледот на истата и содржините во неа, претставете се во онлајн светот во вистинско светло.

Не се трудете по секоја цена да привлечете клиенти, пласирајќи невистини. Измамените потрошувачи можат да направат непроценлива штета така што своето лошо искуство ќе го споделат на социјалните мрежи, форумите, коментарите и тој лош глас може долго време да ве следи.

Од друга страна пак, ако својата понуда ја презентирате онаква каква што навистина е, можеби нема да направите моментална интернет сензација, но ќе имате стабилен раст и задоволни купувачи чии очекувања се во целост исполнети. Доколку се потрудите малку повеќе и ги надминете очекувањата, пофалбите нема да изостанат.

Внесете квалитетна содржина

Пробајте да ги погледнете работите со очите на клиентите. Пласирајте содржини што ќе им бидат истовремено корисни, забавни и информативни. Тоа не се однесува само на текстовите на веб страната туку и на фотографиите, видео материјалите и слично.

Оставете впечаток дека водите сериозен бизнис

Исто како и при прва средба во живо, многу е важно да оставите добар прв впечаток на интернет. Добриот дизајн и добрата организација на веб страната веднаш побудуваат интерес.

Почитувањето на правописните норми е задолжително, наведувањето на контакти како адреса телефон и имејл укажува на услужност и сигурност, а доколку можете да обезбедите изјави, сведочења од ваши задоволни клиенти одлично ќе ја заокружите целата онлајн приказна.