Како да креирате добар впечаток како работодавач

28

intervju

Фото: Pexels

Процесот на спроведување на интервју му одзема многу време на секој работодавач и затоа најидеално сценарио е наоѓање на кандидат уште во првиот круг. Работодавачот не е единствениот кој проценува дали кандидатот кој аплицирал е соодветен за компанијата, туку и кандидатот бира дали би сакал да работи во компанијата. Како работодавач може да понудите работа на личноста за која сметате дека е најидеална за конкретното работно место, но кандидатот може да ве одбие поради негативен впечаток кој го стекнал (од вас или некој друг вработен) за вашата компанија.

Затоа, од суштинско значење е секогаш да бидете подготвени да се претставите себе и компанијата во најдобро светло во моментот кога ќе пристигне кандидатот.

Овие неколку совети ќе ви помогнат да создадете позитивен впечаток за компанијата.

Први впечатоци

Кога кандидатот влегува во вашата компанија тој, исто така, си создава слика за околината. Ангажирајте секретарка, рецепционер, асистент кој ќе ги пречекува кандидатите за работа. Пренесете им ги сите потребни информации за претстојното интервју. Кои се кандидатите, за која позиција аплицираат, кога започнува интервјуто, со кој да контактираат кога ќе пристигнат… На овој начин ќе оставите впечаток на организирана компанија.

Проверете ја просторијата

Пред да започне интервјуирањето проверете дали е слободна и чиста просторијата каде ќе се одвива разговорот. Погрижете се просторијата да биде уредна, а не натрупана со канцелариски материјали. Планирајте паузи меѓу интервјуата за да може да запишете белешки за кандидатот.

Проверете ја техниката

Ако користите технолошки уреди (лаптоп, проектор, телевизор) проверете дали функционираат пред да дојде кандидатот.

Бидете подготвени

Подготовката е клучна за оставање на добар впечаток кај кандидатот. Прочитајте го внимателно неговото мотивациско писмо и лично резиме. Подгответе неколку прашања и внимателно слушајте ги неговите одговори. Ако не сте подготвени за интервјуто и го читате резимето на кандидатот пред него, барајќи и соодветни прашања кои би му ги поставиле, тоа може да остави лош впечаток за вас. Бидете подготвени и да одговорите на прашањата кои ќе ви бидат поставени од негова страна.