Како да му кажете на шефот дека греши, без да се налути

13

greska

Фото: Pixabay

Сигурно сте посакале во одредени ситуации да му укажете на вашиот претпоставен дека греши, но сепак сте одлучиле да молчите. Тоа не мора да биде така. Доколку навистина сте во право, не би требало да премолчите макар тоа бил и вашиот шеф/шефица кои многу тешко примаат критики.

Еве како да постапите:

Запрашајте се дали вреди

Дали станува збор за мала безначајна грешка, која никому нема да нанесе штета или се работи за грешка која може многу да ја чини компанијата или вашиот шеф? Доколку сметате дека ќе постигнете нешто со вашата исправка, слободно укажете на грешката, во спротивно оставете ги работите какви што се, не ризикувајте за мала ситница.

Не правете го тоа пред други луѓе

Најдобро би било доколку имате некоја исправка, тоа да го направите кога нема никој друг, во четири очи. Така вашиот претпоставен нема да биде засрамен/а или да се почувствува непријатно. Доколку го направите тоа пред други луѓе особено пред клиенти, соработници или останати претпоставени, ќе направите голема грешка.

Давајте предлози

Вашата исправка или евентуално критика нека биде во форма на предлог или мислење. На тој начин вашиот шеф полесно ќе прифати и ќе се справи со грешката и со фактот дека некој од вработените го/ја исправа, односно критикува за нешто.

Понудете решение

Никој не сака да слуша дека не е во право, особено ако оној што критикува не понуди некакво решение. Наместо само укажување на грешката, потрудете се да посочите некаква солуција, предлог кој би бил од корист за вашиот претпоставен.

Сепак, може да се случи и покрај вашите добри намери да наидете на негативни коментари и неприфаќање на грешката. Затоа од клучно значење е да се процени дали вреди да се исправи шефот и дали нешто ќе добиете со тоа.