Како да организирате состанок на којшто луѓето не сакаат да присуствуваат

36

sostanok

Фото: Pexels

Организирање на состанок на којшто многумина не би сакале да учествуваат може да биде голем предизвик, бидејќи треба ги мотивирате активно да учествуваат во договарање на работи што се важни. Постојат многу причини поради коишто луѓето не сакаат да учествуваат на состаноците, но најчесто затоа што не ги интересира темата, имаат поважна работа или не веруваат во тоа што е предмет на состанокот. Но, доколку сакате да напредувате во кариерата потребно е да знаете да се снајдете во вакви ситуации и да ги мотивирате луѓето да дадат придонес во договорот којшто сакате да го постигнете. Овие неколку идеи ќе ви помогнат во остварување на таа цел, пишува Жељко Поповиќ на својот блог.

Закажете го состанокот порано

Истражувањата покажуваат дека луѓето имаат поголема волја на почетокот на работниот ден. Затоа, најдобро е состанокот да го одржите во претпладневните часови, бидејќи тогаш поголеми се шансите да бидат присутни и активни. Ако состанокот го одржите на крајот од работното време најверојатно сите ќе бидат уморни и под влијание на сè она што се случувало во текот на денот и ќе го поттикне нивниот негативен став, а нема да одржите продуктивен состанок.

Ограничете го времетраењето на состанокот

Секој состанок треба временски да се ограничи. Доволни се 30 до 45 минути, а некогаш и пократко. Времето на траење на состанокот кажете го на почетокот на состанокот, за да испратите порака дека нема долго да трае и дека ќе се договорите брзо ако сите бидат присутни и дадат свој придонес.

Кажете им ја користа од учеството на состанокот

Почнете го состанокот со тоа што на присутните ќе им го објасните интересот поврзан со работите за коишто треба да се договорите. Ова понекогаш може да биде предизвик, но сè што треба да направите е да се ставите на нивно место и запрашате: “Да сум на нивно место, кој би бил мојот интерес активно да учествувам на овој состанок?“.

Сослушајте ги приговорите и одговорете им

Важно е да ги сослушате и да им одговорите на приговорите на луѓето кои имаат отпор кон некоја работа за којашто треба да се договорите. Затоа, добро подгответе се пред состанокот. Запишете ги сите работи за коишто мислите дека ќе има отпор и подгответе го вашиот одговор. Отпечатете ја листата и земете ја со себе на состанокот. Кога на состанокот ќе ви се постави прашање или приговор што не сте го предвиделе, сослушајте ја личноста и одговорете. Ако не го знаете одговорот запишете го прашањето и размислувајте за него по одржување на состанокот.