Како да постапите кога друг сака да биде заслужен за вашата работа

16

pexels-photo-277124

Фото: Pexels

Во корпоративниот свет сè почесто има натпревар помеѓу колегите, претпоставените, па дури и помеѓу блиски соработници. Не ретко се случува вработените да си ги крадат идеите и да се препишуваат заслуги на сосема трет човек. Како да се заштитите од таквите “грабливци“?

Бидете транспарентни

Кажете ја јавно вашата идеја или она што сте го сработиле. Така, сите ќе знаат дека вие стоите зад тоа, а не на некој друг. На почетокот можеби нема да ви биде пријатно да зборувате пред повеќе луѓе, но со тек на време ќе ја елиминирате тремата. Доколку се доверите некому, можно е истата таа личност да ја искористи информацијата за сопствени цели.

Не реагирајте импулсивно

Доколку се најдете во ситуација каде некој друг препишува ваши заслуги – не избрзувајте со реакцијата. Не е во ред да истапите со закани во истиот момент. Емоциите ќе ве надвладеат и може да излезете губитник во расправијата. Почекајте малку и најдете го вистинскиот момент.

Проценете ја сериозноста на ситуацијата

Пред да направите нешто, преиспитајте под какви околности се случила целата работа. Можно е да било недоразбирање или ненамерна грешка. Дознајте дали навистина сте исклучени од идејата/ проектот или можеби некој ви пренел лажни информации.

Барајте искрено објаснување

За да си олесните, наместо со напад, пристапете со прашања. Зошто кривецот го сторил тоа? Што го натерало на таков чекор? Дали има нешто лично против вас или тоа го направил за да се прикрие пред претпоставените? Потрудете се да ги добиете одговорите на вашите прашања. Така ќе дознаете каде била вашата грешка и што треба да правите во иднина.

Обидете се да простите

Се случило што се случило. Бидете поголем човек и простете му на виновникот. Колку подолго размислувате и објаснувате што се случило, толку повеќе ќе заглавите во место. Простете и охрабрете го/ја следниот пат да смисли сопствени идеи и самостојно да ги заврши зададените задачи.