Како да се разладите ако немате клима

26

klima

Фото: Pixabay

Во некои делови од Македонија, температурата денеска ќе достигне до 40 степени. Како да издржите на вака високи температури пишувавме вчера, а денеска ви нудиме неколку трикови како да се разладите во овие топли денови ако немате клима.

Најдобро би било кога би можеле собната температура да ја одржувате под 32 степени преку ден, а 24 ноќе. Ова е особено важно за децата, лицата постари од 60 години или хроничните болни.

Користете го свежиот вечерен воздух да го разладите домот. Ако е можно, отворете ги сите прозорци и кренете ги ролетните во текот на ноќта и раните утрински часови кога надворешната температура е најниска.

Преку ден затворете ги прозорците и спуштете ги ролетните, особено оние што се изложени на сонце. Изгасете ги светилките и исклучете што повеќе електрични уреди во домот, затоа што произведуваат топлина и кога не работат. Обидете се што поретко да ја користите рерната.

На прозорците ставете завеси или тенди. Тендите можат да ја намалат температурата за околу пет степени.

Чувството на топлина дополнително се зголемува ако во домот има влага. Затоа по готвењето или туширањето оставете отворена врата или вентилација.

Ако се разладувате со вентилатор, ставете сад со мраз или ладна вода пред него. Така ќе го забрзате ладењето на воздухот. Најдобро место да го поставите вентилаторот во собата е крај најголемиот ѕид и на под.

Пијте многу течности и по можност, покривајте се со ленени или свилени покривки.