Како да се вмрежите ако сте интровертна личност

118

handshake-2056023_960_720

Фото: Pixabay

Вмрежувањето е од клучно значење за професионален успех, но за интровертните личности овој процес е голем предизвик. Поврзувањето со други личности на некој настан за нив е како одење на стоматолог. Но, за секој претприемач вмрежувањето е од суштинско значење за развивање на бизнисот.

Интровертите се личности кои вообичаено се чувствуваат најдобро кога се сами. Тие се тивки, срамежливи и повлечени личности кои сакаат да го поминуваат слободното време фокусирајќи се на сопствените внатрешни чувства и мисли, што ретко ги искажуваат. Луѓето кои се сметаат за интровертни вообичаено имаат многу мал круг на пријатели бидејќи внимателно прават селекција на кого ќе му се доверат и секогаш повеќе уживаат да го поминат денот со еден пријател, отколку со голема група на луѓе.

За да ја зголемите вашата мрежа на контакти на настан каде има луѓе со кои може да соработувате или научите нешто повеќе, овие неколку совети ќе ви помогнат во вмрежувањето.

Одберете го вистинскиот настан

Изберете да посетите настани од вашата индустрија, каде ќе можете да водите разговор од област што ви е позната. Посетата на настани за вмрежување нуди многу придобивки. Тие најчесто се неформални и луѓето се порелаксирани. Најдоброто од сè е што присутните на настанот имаат сличен интерес и таму се за да го зголемат нивниот бизнис.

Подгответе се

За да ја намалите нервозата од присуството на ваков настан можете да подготвите прашања кои би ги поставиле на луѓето со кои сакате да се поврзете. Бидете подготвени да одговорите на нивните прашања и објаснете на кратко со што се занимавате.

Поставете цел

Кога ќе појдете на настанот со цел да се сретнете со одреден број на личности и да остварите одличен разговор со нив, сами може да одлучите кога ќе ја напуштите просторијата. Појавете се во првиот час кога луѓето се во потрага да најдат партнер за комуникација.

Поврзете се преку социјалните медиуми

Социјалните медиуми може да ви користат да се поврзете со луѓето кои ќе присуствуваат на настанот. Изградете мрежа на контакти преку социјалните медиуми, а потоа закажете состанок за да се сретнете лично со нив.

Внимавајте на говорот на телото

Кога се запознавате со одредена личност внимавајте и на вашиот говор на тело. Активно слушајте што ви кажува, одржете контакт со очите и користете ја насмевката.