Да се направи чекор напред, да се излезе од комфор зоната, да се биде креативен и поинаков… за многумина е тешка задача. Осудување од околината, неодобрување и неверување се само неколку причини зошто луѓето се плашат да покажат смелост во своите одлуки.
Но, за да се движиме напред во животот и работата потребни се ризици и размислување надвор од секојдневното. Само храбрите чекори можат да не однесат подалеку од очекуваното, со тапкање во место никаде не се стигнува.
Како да станете лидер што ќе создаде победнички тим?
Бидете пример
Ако сакате вашиот тим да биде доволно храбар и да направи нешто уникатно бидете им пример по којшто ќе се водат. Постојат безброј начини да им покажете колку храброста и единственоста може да ги помести границите. Вашите смели идеи прилагодете ги според индустријата во којашто работите и резултатот ќе биде неизбежен.
Наградете го секој смел чекор
Охрабрете го храброто однесување на тимот со тоа што ќе го наградите секој оној кој ќе се обиде да направи нешто поинакво за доброто на компанијата. Така ќе покажете дека стоите зад нивните одлуки дури и ако исходот е полош од очекуваното. Поддршката на работодавачот е од голема важност за подобар перформанс на секој вработен.
Дајте им можност да работат поинаку
За да создадете храбар и мотивиран тим треба да им дадете можност и средства да “излезат од безбедната зона“. Организирајте заеднички креативни активности со коишто ќе ги поттикнете да ја ослободат нивната внатрешна енергија. Не очекувајте тимот да направи нешто смело преку ноќ, особено ако биле научени да работат според одредени критериуми и норми. Храброста е вештина што се учи, затоа помогнете им со првите обиди.
Фото: Pixabay