Како да ви биде подобро на работа

118

Треба да го имаме предвид фактот дека една третина од денот го поминуваме во канцеларија и со колегите на работното место. Затоа, ако се чувствувате непријатно, исцрпено и без волја за работа, тогаш мора да промените некои работи кои ќе ви помогнат да си ја вратите енергијата, да станете попродуктивни и пријатно да си ги поминете тие осум часа во денот.

Светлина

Ефикасноста на работното место се зголемува ако во просторијата има повеќе природна светлина. Така ќе бидете сконцентрирани на работата, без да ви пречи некое слабо или неквалитетно светло што ќе бара дополнителен напор од вас. Затоа, тргнете ги завесите или отворете ги ролетните во текот на денот. Со продорот на природната светлина ќе се чувствувате подобро, ќе имате повеќе енергија и нема да ги напрегате очите доколку работите пред компјутер.

Проветрувајте

Редовно отворајте го прозорецот во канцеларијата, бидејќи ако не проветрувате, тогаш воздухот ќе стане неподнослив, а може и да предизвика проблеми со дишењето. Отворајте веднаш штом дојдете на работа, но тоа практикувајте го и неколку пати во текот на денот. Така, канцеларијата ќе се освежи со чист воздух, а вие ќе имате повеќе кислород што ќе значи и подобра концентрација.

Температура

Имате колеги на кои им пречи кога е премногу топло или студено во канцеларијата. Експертите уверуваат дека оптимална температура што треба да се одржува во работниот простор треба да биде околу 22 степени. Не дозволувајте да биде премногу топло, бидејќи така ќе се чувствувате поспано и без волја за работа. Истото важи и ако во канцеларијата е премногу студено, па нема да можете да се фокусирате на она што го работите.

Комуникација со колегите

Откако сите предуслови за пријатна работа во канцеларијата се исполнети, погрижете се така да биде и со колегите. Не дозволувајте да се случуваат кавги и расправии, бидејќи напнатоста носи поголем стрес, а помала продуктивност на работа. Затоа, ако не ви годи карактерот на некој од колегите, бидете професионално коректни и обидувајте се со непосредност и добра смисла за хумор да ја “разубавите“ атмосферата во канцеларијата.

Фото: Pexels