Како да влеете доверба кај своите вработени

65

Фото: Pexels

Едно од прашањата што секој сопственик на бизнис си ги поставува е како да создаде верни и лојални вработени, односно како да ја заслужи довербата на тимот. Сето тоа може да се постигне и воопшто не е тешко кога некој го работи тоа што го сака и се држи до одредени принципи.

Споделете ја вашата визија

Кога вработените ќе ја знаат вашата цел и тоа што сакате да го постигнете со компанијата, ќе бидат поефикасни и многу подобро ќе го насочат својот труд. Затоа, треба да им биде јасно што е нивната задача, начинот на работење, а ваше е тоа да им го објасните во најкраток можен рок и најдобро што можете.

Поставете јасни граници и очекувања

Сопственикот на бизнисот уште од самиот старт треба да ги дефинира очекувањата од секој вработен. Исто така, важно е да се постават и граници, за да не дојде до одредени непријатни и неочекувани настани. Секој треба да ја знае својата улога, а работодавачот да има увид во способностите на секој вработен за распределбата на обврските да биде што посоодветна.

Активно слушајте ги

Добро слушајте ги што имаат да ви кажат и поставете конкретни прашања во врска со работата. Бидете тука за секој предлог и објаснете им ги недоволно познатите работи доколку го побараат тоа од вас.

Делегирајте проекти со помал ризик

Давајте им на вработените задачи, проекти со помал ризик. Така, доколку тргне нешто наопаку лесно ќе може да се поправи. Ако успешно ја завршат работата тогаш пристапете кон делегирање на посложени задачи.

Закажете неделни состаноци

Задолжително одржувајте состаноци со тимот еднаш неделно. Зборувајте за тоа што поминало добро, што не и како може истото да се подобри следната недела.

Бидете искрени

Не ја потценувајте искреноста. Тоа е доблест што вработените многу ја ценат кај својот работодавач. Отворено кажете ако нешто ви пречи и покажете како сакате истото да биде направено.

Поделете пофалба за одлично завршена работа

Она што важи за искреноста применете го и за пофалните зборови… Не ги “штедете“. Признајте пред сите ако некој ги надминал очекувањата, ако некој дал одлична идеја и придонел за успехот на целиот тим. Тоа ќе ги охрабри вработените да бидат попродуктивни, знаејќи дека нивниот труд е ценет.