Како да знаете дали е време да започнете сопствен бизнис?

За некои луѓе, одлуката да станат претприемач доаѓа природно, тие доаѓаат од претприемачки семејства или никогаш не биле исполнети од класична работа од 9 до 5. За други, дилемата е поголема: „Дали сум подготвен да го направам тој чекор? Дали е тоа за мене?“

Коосновачот и извршен директор на „Олипоп“, Бен Гудвин, вели дека постои јасен знак: „Ако возбудата и исполнувањето на визијата за она што сакате да го направите е посилно од стравот и изговорите – време е да дејствувате“, вели тој. „Ќе мора да имате многу страст, бидејќи кога работите ќе се отежнат, токму таа енергија ќе ве одржи“.

Гудвин знае за што зборува. Како тинејџер, тој се борел со физичкото и менталното здравје поради нездрава исхрана. Промената во начинот на живот го задоволила толку многу што го напуштил колеџот и се посветил на развој на поздрави пијалоци. Првата компанија што ја основал, пробиотскиот пијалок Оби, не била голем успех и била продадена по осум години. Сепак, заедно со партнерот Дејвид Лестер, тој ги искористил тие пари за да ја започне компанијата Олипоп, која само во првата година остварила приход од 852.000 долари, а во февруари била проценета на дури 1,85 милијарди долари, пишува CNBC Make It.

За Гудвин, подготвеноста да станете свој шеф се рефлектира и во отпорноста: „Претприемништвото постојано ве предизвикува – мора да донесувате тешки одлуки, да работите под притисок, да бидете етички и отпорни. Многу луѓе сакаат да го избегнат тоа бидејќи тогаш животот станува покомплициран. Но, ако се чувствувате поживи кога се соочувате со предизвици, тоа е знак дека сте подготвени.“

Авторот и ментален тренер Стив Магнес додава дека отпорноста не е вродена, таа може да се практикува. Еден трик е да го промените начинот на кој разговарате со себе. Наместо „Јас можам да го направам тоа“, кажете „Ти можеш да го направиш тоа“ или „[Твоето име] ќе го надмине ова“. Оваа мала промена создава емоционална дистанца и ви помага да преминете од реакција кон акција.