Како планира да работи АЛКАЛОИД АД Скопје во 2025 година

АЛКАЛОИД АД Скопје го објави својот бизнис план, преку Македонската берза.

Аспирации и вредности
АЛКАЛОИД АД Скопје при извршувањето на своите деловни операции се потпира на највисоките етички норми и стандарди. Уверени сме дека етичкото водење бизнис е предуслов за постојан личен и деловен успех. Нашата цел е обезбедување постојаност и подобрување на бизнис-перформансите преку одржување, односно преку
зајакнување на позициите на актуелните пазари и преку разумно проширување на нови пазари.
Визија
Нашата ВИЗИЈА е АЛКАЛОИД како глобално ориентирана компанија да се стреми кон постигнување високи цели и дострели, кои ќе овозможат изразена конкурентност и пазарна позиција. Постојано сме отворени за градење нови пазари и нови партнерства, а произведуваме и пласираме производи со највисок квалитет,
применувајќи најсовремени технологии и деловни стандарди.

Мисија
Нашата МИСИЈА е постојано да тежнееме кон поздрав свет, супериорен квалитет на производите и на услугите, како и кон висока професионалност и континуиран успех.
Императив
Наш императив е заштитата на интересите на вработените, потрошувачите, на акционерите, деловните партнери, како и на сите вклучени страни, а основната определба е ЗДРАВЈЕТО ПРЕД СÈ.

Бизнис-план за 2025

Приходи од продажби
Бизнис-планот за 2025 година предвидува консолидирани продажби од над 332 милиони евра, што претставува раст од 8 % во однос на
очекуваните за 2024 година.

Продажби по сегменти
Сегментно, по профитни центри, 90 % од консолидираните продажби се очекува да ги
реализира ПЦ Фармација, а 10 % ПЦ Хемија, козметика и билкарство.

Продажби по пазари
Се очекува 32 % од консолидираните продажби да бидат остварени на домашниот пазар, додека, пак, 68 % од извоз.

Планирани резултати
Планираниот биланс на успех предвидува раст од 9 % на консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (EBITDA). Консолидиранaтa нето-добивка е предвидена со раст од
најмалку 7 % во однос на очекуваната за 2024 година.

Инвестиции
Посветеноста на постојан раст и развој и следењето на трендовите и на најновите достигнувања во сферата на фармацијата се главните причини поради кои во изминатите две децении АЛКАЛОИД АД Скопје се задржа на курсот на континуирано инвестирање, вложувајќи повеќе од 250 милиони евра.
АЛКАЛОИД АД Скопје во декември 2024 година регистрираше ново капитално поврзано друштво со назив АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ Скопје, со цел производство на електрична енергија. Имајќи ги предвид заложбите на АЛКАЛОИД АД Скопје за намалување на јаглеродниот отпечаток во рамките на својата ESGстратегија и напорите за одржлив развој, овој потег е од исклучителна важност во нивното остварување.
Проектот предвидува изградба на фотоволтаична централа лоцирана во Гевгелија, со капацитет за производство на електрична енергија од околу 11 илјади мегават-часови на годишно ниво. Со овие капацитети ќе се овозможи од 75 до 85 % од електричната енергија која се користи за производствените капацитети на АЛКАЛОИД АД Скопје да биде од сопствени обновливи извори.
Во согласност со долгорочната развојна стратегија, односно со 20-годишниот инвестициски развоен план, во последните неколку години се изградени нов погон за производство на полуцврсти фармацевтски форми, нов погон за пакување лекови, нов магацински простор за складирање суровини, како и нов погон за производство на цврсти форми (фармацевтски препарати), најзначајната инвестициска активност. Во таа насока, а со цел соодветно зголемување на капацитетите и во Контрола на квалитет – фармација, планот за 2025 година предвидува проектирање и изведба на нова микробиолошка лабораторија на површина од 600 м2.
Континуирано вложуваме во нови производствени опреми и во инсталирање најсовремени технолошки линии за производство, при што се создадени услови за неколкукратно зголемување на производствените
капацитети. Сите инвестиции во производствените капацитети на Фармација се изведени во согласност со најсовремените GMP-препораки за производство на фармацевтски производи.
Бизнис-планот за 2025 година предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства.

ИСТРАЖУВАЊЕ И РАЗВОЈ
Истражување и развој во АЛКАЛОИД АД Скопје повеќе децении има реномирана репутација како истакнат сегмент за истражување и за воведување нови производи, нови технологии, аналитички методи и услуги, кои обезбедуваат раст на богатото портфолио на АЛКАЛОИД, со грижа за заштитата на животната средина, како и
на здравјето и на безбедноста при работа.
Издатоците за истражување и развој низ годините наназад континуирано растат, резултирајќи со повисоки стандарди за квалитет, кои придонесуваат за зголемување на благосостојбата на потрошувачите.
Бизнис-планот во 2025 година предвидува раст од најмалку 10 % на издатоците за истражување и развој, односно алоцирање на повеќето ресурси во овој сегмент, со цел натамошна модернизација на генеричкото портфолио, дополнето со патентирани производи со додадена вредност.

Животна средина и општествени прашања (ESG)

Изминатите две години како стратешки императив и приоритет го поставивме воведувањето на Environmental, Social and Governance (ESG-стандардите) за интеграција и за известување во компанијата. Донесовме голем
број внатрешни акти кои го систематизираат работењето на сите сектори во согласност со ESG-принципите.
Одговорноста спрема животната средина и спрема заедницата се составен дел од секојдневието на секој еден вработен во АЛКАЛОИД, во сите земји каде што имаме воспоставено операции. Во иднина ESG-сегментот ќе се проширува и ќе се интензивира, пренесувајќи се на сите засегнати страни во АЛКАЛОИД со една единствена цел – да изградиме подобар, поздрав и поодржлив свет.
Вработени
Следејќи ги плановите за раст и развој, во 2025 година очекуваме околу 100 нови вработувања во АЛКАЛОИД АД Скопје и во друштвата во странство. Продолжуваме со вложувањата во човечкиот капитал преку издвојување значителни средства за обуки и за други придобивки за вработените, наедно создавајќи предуслови за натамошно зголемување на просечната нето-плата по вработен.
Акции
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во 2024 година се движеше од 18.151,00 до 29.000,00 денари или просечно 21.715,11 денари за една
акција. Цената на акцијата на последната трансакција на 27.12.2024 година изнесуваше 28.299,00 денари.
Пазарната капитализација на компанијата во декември 2024 година изнесува 40 милијарди денари.

Дивидендна политика
Менаџментот на компанијата ќе продолжи и натаму со досегашната дивидендна политика соодветно на
остварените резултати. Планот предвидува алоцирање на дел од нето-добивката на компанијата за дивиденда
и за персонален данок, додека, пак, остатокот ќе биде за инвестиции.
Бизнис-планот на компанијата за 2025 година е донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 27.12.2024 година.