Фото: Pixabay
Дури и да сте искусен менаџер, најверојатно и вам ви е тешко да им кажете на вработените во која насока да се движат за да ја подобрат работата. Да го оценувате само доброто е лесно, сите сакаат комплименти. Но, како да постапите кога е неопходна критика?
Еве неколку корисни совети, предложени од експерти на сајтот за бизнис и претприемништво Inc.com:
Критикувајте во мали дози
Најсоодветниот момент за конструктивна критика е кога некој покажува позитивен напредок, но уште има простор за одење напред. Правилото е да ја балансирате критиката со неколку комплименти. Ако има некаков посериозен проблем, зборувајте за него веднаш откако се случил. Не чекајте да дојде “вистинскиот момент”, оставајќи ја проблематичната ситуација да тлее.
Критикувајте веднаш
Многу шефови прават проценка на вработените врз основа на преглед на ефективноста на некој одреден период, на пример една година. Тоа воопшто не е ефикасно. Запомнете, годишните проверки се однесуваат на други прашања, како на пример финансиските. Критиката треба да биде насочена кон развој на вработените. Тоа налага да се обрнува повеќе внимание на однесувањето на работниците, да ја оцените нивната компетентност итн.
Започнете ја критиката со поставување на прашања
Вашата цел не е (и не треба да биде) да ги убедите вработените да работат онака како што би направиле вие. Наместо тоа, копајте подлабоко, да го најдете коренот на конкретниот проблем. Поставувајте прости прашања, како “Зошто постапи така во таа ситуација?”, “Како би можеле подобро да постапите?”. Овие прашања ќе ги водат вработените да откријат сопствени решенија.
Слушајте и учете
Можеби мислите дека знаете се што се случува во компанијата, но понекогаш може да сте во заблуда. Ако ги слушате вработените и го применувате тоа што ви го кажуваат, може да научите многу за нивната гледна точка на нештата. Подобро ќе ги разберете нивната мотивација и желбите и тоа ќе ви покаже како да им помогнете да го сменат своето однесување.
Обратете се кон однесувањето, не кон конкретниот човек
Никогаш не кажувајте работи од типот “Не може да се смета на тебе!” или “Оваа недела задоцни три пати!”. Наместо тоа, решете го проблемот со поинаков пристап и кажете му на работникот “Ти обично си точен, но оваа недела почесто доцниш. На што се должи тоа?”. Така, ако сакате да решите некаква проблематична ситуација, не и се обраќајте директно на личноста, туку кон однесувањето на вработениот. Во спротивно, само ќе наидете на ќорсокак.