Како сами си го саботирате бизнисот

18

Се случува поради ред причини претприемачите сами да го саботираат сопствениот бизнис. Иако намерата е добра, несвесно или од незнаење се преземаат погрешни чекори и се следат погрешни патокази.

Каде најмногу се греши и како да се избегне неуспехот?

Фокусирање на помалку важни работи

Не треба да губите време на нешто што не е толку важно. Вашето внимание како основач треба да биде насочено кон суштинските работи што го прават бизнисот бизнис. Можеби сакате канцеларијата да изгледа модерно и интересно, но тоа е дефинитивно работа за којашто треба да ангажирате друг.

Одбегнување на делегирање

Многу претприемачи мислат дека самите можат да решат сè. Но, тоа никогаш не е така и токму затоа треба да делегирате. Сите оние задачи што може да ги заврши некој друг, препуштете му ги, така ќе имате повеќе време за важни состаноци и големите одлуки што чекаат на вас.

Недостаток на сериозност

Ова особено се случува ако бизнисот ви е дополнителна дејност. Обично доколку имате веќе една работа, не можете толку да се посветите на друга. Затоа, ако сакате сопствен бизнис, треба сериозно да пристапите кон тоа, во спротивно сето друго нека биде само хоби.

Изговори

Само неколку среќници можат за кратко време да започнат бизнис и да ги соберат плодовите на успехот. Успехот не доаѓа преку ноќ, потребно е многу време и напорна работа за да можете стабилно да застанете “на нозе“. Изговорите нема да ви помогнат, секогаш ќе има некој со повеќе време, повеќе пари, искуство, знаење… ваше е да си го сработите своето и да не ја гледате туѓата работа.

Изолација

Кога сте претприемач не смеете да работите во затворен круг и да се изолирате од бизнис сцената. Воспоставувањето на контакти е задолжително исто како и вмрежувањето, односно одењето по разни случувања и настани особено од вашата индустрија. Црпете искуство од поискусните, од оние што веќе го поминале трнливиот пат, само така вистински ќе научите.

Фото: Pixabay