Како секогаш на време да си заминувате од работа

43

time

Фото: Pixabay

Колку пати сте се нашле во ситуација да останете во вашата канцеларија по истекот на работното време? Прекувременото работење е поврзано со стрес, анксиозност и срцеви болести. Ако постојано работите повеќе од 40 часа неделно, тоа може да ја намали вашата продуктивност. Можеби се правдате со обемна работа или сте се навикнале секогаш да бидете на располагање кога од вас ќе се побара да се заврши некоја работа за која треба да останете подолго на работа. Без разлика кои се причините што секогаш “заглавувате“ на работа, време е да се преиспитате. Овие неколку совети ќе ви помогнат да излезете од канцеларијата на време.

Одредете точно време за заминување

Кога ќе пристигнете наутро на работа, одредете си точно време до кога ќе останете. Забележете го или вклучете си аларм. Ова можеби звучи едноставно, но на многумина денот им “лета“ и брзо доаѓа крајот на работното време, а работата да не е завршена. Не ја трошете енергијата на работи што се непотребни, туку фокусирајте се на извршување на работните задачи. Кога ќе одредите време на заминување, последните 20-тина минути посветете ги за средување на работното биро, проверка на имејл пошта, подготовка на документација за наредниот работен ден.

Известете ги колегите кога ќе си одите

Ако ги известите колегите дека канцеларијата ќе ја напуштите во одредено време, голема е веројатноста дека тоа ќе го остварите. На тој начин им кажувате на колегите на време да ви ги достават задачите и барањата, бидејќи подоцна не би биле достапни. Колегите ќе се навикнат на вашиот поставен распоред и време на заминување, а за вас ќе премине во рутина којашто со тек на време лесно ќе ја спроведувате на дело.

Завршете ја прво потешката работа

Потешкиот дел од работата не го оставајте за крај на денот кога сте најистоштени и помалку ефикасни, туку тоа нека биде првата работа што ќе ја направите наутро. Ако прво го завршите потешкиот дел од работата крајот на работниот ден ќе биде помалку стресен. Направете листа на приоритети и на крајот од работниот ден проверете дали сте ги исполниле своите цели. Ова можеби нема да го забрза крајот на работното време, но ќе бидете позадоволни кога ќе си отидете дома, знаејќи дека поголемиот дел од обврските сте ги завршиле.

Не губете време во канцеларија

Ако останувате секој ден на работа повеќе од потребното време, тоа значи дека го трошите времето неефикасно. Наместо да одговарате на секоја имејл порака во истата секунда, одредете време кога ќе се посветите на ваквата комуникација. Користете го телефонот почесто, бидејќи ќе бидете поефикасни и ќе заштедите повеќе време, наместо да читате и одговарате на пораки. Преку директен разговор, исто така, ќе ги добиете сите потребни информации.