Како што плаќаме за добар адвокат, лекар…, така треба да плаќаме и за добар консултант

2433

Консултантот е неопходен елемент во секој бизнис процес и секоја компанија би требало што е можно повеќе да користи услуги од различни консултанти доколку сака континуирано да расте и да ја унапреди својата работа.

“Најголемиот предизвик со кој што се соочуваме ние консултантите е тоа што голем број на менаџери на компании веруваат дека можат сами да ја подготват апликацијата, со сопствени ресурси и дека нема потреба од користење на т.н. аутсорсинг услуги или услуги од специјалисти во одредена област. Цел свет функционира на тој начин, само во Македонија постојат предрасуди за тој тип на услуги“, вели Синиша Пекевски – бизнис консултант во интервју за Бизнис Инфо.

Нотира дека сме далеку од реалниот и бизнис свет затоа што голем дел од компаниите се насочени кон работа со државни институции, партии, тендери и реално не сакаат да се борат вистински на пазарот.

Бизнис Инфо: ФИТР објави Јавен конкурс за финансирање под инструмент за поддршка Кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин оф. Вашата компанија изработува целосна апликација за овој повик. Какво е вашето досегашно искуство во работата со старт – ап компании?

Повиците што ги објавува Фондот за иновации е една од најдобрите мерки што постојат во Македонија за поддршка на бизнисот, посебно на компании кои имаат добра бизнис идеја. Добро е што оваа 2021 година се објавија повеќе повици и тоа претежно за микро и мали компании, кои немаат голем обрт, но имаат иновативни идеи кои можат да донесат бенефит не само за компанијата, туку воопшто и за државата доколку се извозно ориентирани. Моето искуство е позитивно во изработката на поголем број на проектни апликации, како и имплементирање на тие проекти подоцна од кога се одобрени. Верувам дека овој тренд на поддршка на компаниите од ФИТР и од други фондови ќе продолжи во иднина со зголемено темпо што ќе придонесе за раст на компаниите.

Бизнис Инфо: Старт – ап сцената во Македонија во последниве неколку години е во пораст. Кои се најголемите и најчестите предизвици со кои компаниите се соочуваат и како вие како консултанти им излегувате во пресрет?

Според мене, најголемиот предизвик со којшто се соочуваме ние консултантите е тоа што голем број на менаџери на компании веруваат дека можат сами да ја подготват апликацијата, со сопствени ресурси и дека нема потреба од користење на т.н. аутсорсинг услуги или услуги од специјалисти во одредена област. Цел свет функционира на тој начин, само во Македонија постојат предрасуди за тој тип на услуги. Дополнително, се соочуваме со предизвик со тоа дел од компаниите не сакаат да платат за услугата доколку проектната апликацијата не биде финансирана од Фондот и тоа се некои предрасуди од типот “Зошто да ти платам ако не ми се одобри апликацијата“. Имам впечаток дека менаџерите на компаниите се малку разгалени и очекуваат некој друг да ја плати апликацијата или да се плати само доколку биде успешна. Кај помалите компании и оние менаџери кои се деловно ориентирани вакви “детски болести“ нема и свесни се дека секој труд треба да се плати, но затоа очекуваат максимум подготовка и целосна посветеност и професионалност од наша страна, што секако се подразбира.

Бизнис Инфо: Според вашето досегашно искуство, дали парите се најголемиот проблем на компаниите, како што најчесто се мисли во јавноста дека консултантските услуги се скапи?

Парите не се најголемиот проблем со кој се соочуваат компаниите, туку би рекол бизнис размислувањето е најголемиот предизвик со кој се соочуваат. Секоја услуга чини пари и секој кој е професионалец во својата област треба да биде платен за својата работа. Како што плаќаме за добар адвокат, добар лекар, добар сметководител, така треба да плаќаме и за добар консултант. Треба да се гледа големата слика во која бизнисмените треба да гледаат тие колку заработуваат, а не колку консултантот бил платен за својата работа или ќе заработи. Далеку сме ние од реалниот и бизнис свет затоа што голем дел од компаниите се насочени кон работа со државни институции, партии, тендери и реално не сакаат да се борат вистински на пазарот. ИТ компаниите се единствените како сектор кои се свесни за потребата од користење на консултантски услуги и тука се цени трудот на професионалците. Има мал помак и во другите сектори, но сепак тој помак е многу спор и мал, на жалост.

Бизнис Инфо: Која е улогата на консултантот во процесот на раст и развој на фирмите? 

Консултантот е тој што ги гледа работите од повеќе агли, гледа со различни очи и дава конкретни предлози што може да се подобри или унапреди. Консултантот е неопходен елемент во секој бизнис процес и секоја компанија би требало што е можно повеќе да користи услуги од различни консултанти доколку сака континуирано да расте и да ја унапреди својата работа.

Бизнис Инфо: Во што се разликува вашиот пристап во споредба со другите консултантски куќи?

Во Македонија нема голем број на бизнис консултанти кои се професионалци во својата област и се разликуваме само во областа во која сме стручни. Јас своето искуство го стекнав преку едукација надвор од Македонија и во работа со голем број на компании изминативе години, моето искуство е стекнато преку реална работа, учење од експерти и континуирана едукација, секогаш насочен кон барање на решенија.

Но, многу ми пречи, што нашата професија реално не е признаена и креирањето на погрешна слика за нас ја прават оние т.н. консултанти кои работат една работа, најчесто во државни институции или јавни претпријатија и кои во слободното време изработуваат проекти или апликации, за пониска цена. Не инвестираат во своето знаење, не инвестираат во надградба и тоа го работат како дополнителна работа заради “врските и конекциите“ кои ги имаат и со тоа ја рушат и нашата професија, нашиот углед, но и вистинската вредност на нашата работа.

Бизнис Инфо: Каков совет би им дале на претприемачите и бизнисмените од Македонија за да може полесно да се справат со сите потешкотии и да ги максимизираат своите можности?

Фокусот секогаш треба да биде насочен кон решение, не кон проблемите. Ако континуирано се инвестира и се бараат можности за напредок, нема шанси успехот да не дојде. Секогаш работите треба да се гледаат од бизнис аспект и да се користат професионалци во работата, да не се препуштаат работите на луѓе кои не се експерти во нивната работа.