Како успешно да преговарате за зголемување на платата?

118

evra

Фото: Pexels

Една од најтешките работи како вработен е барање од претпоставените да ви ја зголемат платата.

Многу луѓе се чувствуваат несигурно или пак не знаат како точно да постапат во такви ситуации. Експертите советуваат добро да се подготвите.

Презентирајте ги вашите достигнувања

Кога сте важен, есенцијален дел од компанијата, преговарањето за поголема плата е полесно. Подгответе листа на која ќе бидат испишани вашите досегашни достигнувања. Не е доволно само да кажете дека ви треба поголема плата. Презентирајте дела, а не зборови пред шефот, така ќе имате многу поголеми шанси за зголемување на примањата.

Поставете цел

Треба да имате одредена бројка која ќе сакате да ја видите на вашата сметка. За да не направите грешка во проценката, направете мало истражување, зборувајте со луѓе од истата индустрија и според тоа одредете ја вашата цел. Покрај зголемување на платата размислете и за повеќе слободни денови, дополнителни обуки и слично.

Подгответе се

Треба точно да знаете што да кажете и уште поважно како ќе го кажете. Подгответе го вашиот говор, вежбајте со некого, тоа ќе ве ослободи од напнатоста и неизвесноста. Кога ќе ги имате вистинските зборови многу полесно ќе можете да го побарате тоа што го сакате.

Подгответе го вашиот шеф

Преговарањето за платата може да биде непријатна тема и за вашиот шеф. Тој/таа мора да ги разгледа сите фактори и можности за остварување на вашето барање, при што крајната одлука може и да не зависи од неа/него. Затоа немојте тукутака да влетате во канцеларијата на шефот барајќи поголема плата без претходно да дадете до знаење дека сакате да разговарате. Доколку компанијата прави редовни евалуации, тоа би бил одличен момент за разговор на тема плата. Во спротивно, закажете состанок.

Тајмингот е важен

Не го закажувајте состанокот кога вашиот шеф има премногу обврски и  гледате дека е истоштен или поминува низ стресен период. Но, немојте ни кога компанијата поминува низ лош период, кога малата заработувачка го кочи зголемувањето на платите.

Што ако кажат не?

Бидете подготвени да наидете и на негативен одговор. Во тој случај побарајте објаснување и конструктивна критика од шефот, за да знаете што е потребно да направите/поправите за да добиете позитивен одговор. Работете на тоа и повторно побарајте зголемување на платата по неколку месеци.