Ако САД и Европската Унија започнат трговска војна, онаа што „ќе се смешка“ од страна на тоа, ќе биде Кина, изјави високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас при пристигнувањето на неформалниот Самит на Унијата, што денеска се одржува во Брисел.
– Внимателно ги слушаме најавите што доаѓаат од американска страна и ние, исто така, се подготвуваме од наша страна.
Но, она што е важно е дека во трговските војни нема победници, изјави Калас во одговор на прашање за ставот на ЕУ по најавите на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување на царини за увоз на стоки од Унијата.
Според Калас, ЕУ и САД се меѓусебно длабоко поврзани и потребни си се еден на друг. – Нам ни е потребна Амерка, и на Америка и има потреба од нас.
Царините ги зголемуваат трошоците, тие не се добри за работните места и не се добри за потрошувачите. Тоа е јасно, додаде Калас.
Осврнувајќи се на денешниот неформален Самит на ЕУ посветен на европската одбрана, Калас нагласи дека членките на Унијата заеднички мора да направат повеќе за зајакнување на одбранбените капацитетите.
– Мислам дека ова е исклучително важно, затоа што сме во ситуација во која што сме.
Затоа, не само што треба да работите заедно, туку и да најдеме средства за да работиме заедно, што е секогаш комплицирано прашање, рече Калас.
Таа додаде дека европската одбрана е тесно поврзано со НАТО, така што за нејзино зајакнување потребна е многу посилна соработка меѓу ЕУ и Алијансата и засилување на врските на блокот со сојузниците, како Велика Британија и САД.
Во врска со барањата за зголемување на трошоците за одбраната, Калас посочи дека целта на НАТО за одвојување на два отсто од националните БДП за одбранбените потреби беше поставена во 2014 година и земјите членки имаа 10 години да ја остварат.
– Но, јасно е дека мора да направиме повеќе затоа што во тек имаме војна со целосен интензитет во Европа и Русија ги промени своите цели.
Јасно е дека треба да направиме повеќе, што секако дека бара и некои тешки одлуки од некои земји членки, додаде Калас.