Европската Унија е секогаш подготвена да соработува со секоја Американска администрација и очекувам многу добра соработка со новите власти во САД, изјави денеска високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
– Се разбира, стилот на различни администрации е различен и ние треба да ги прилагодиме нашите методи на работа со тоа, порача Калас при пристигнувањето на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Калас најави дека очекува на денешното состанок министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ да усвојат патоказ за олеснување на санкциите кон Сирија, порачувајќи дека во однос на оваа држава Унијата го применува пристапот „чекор по чекор“.
– Ако гледаме дека прават чекори во вистинска насока, тогаш и ние сме подготвени да направиме соодветни чекори од наша страна, порача високата претставничка на ЕУ.