Каматните стапки ќе продолжат да растат, цените на становите може да паднат

78

Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард изјави дека нема јасни показатели дека базичната инфлација го достигнала својот врв и додаде дека зголемувањето на каматните стапки ќе продолжи.

Во говорот на банкарската конференција во Хановер, таа го привлече вниманието на прекините во синџирот на снабдување по пандемијата на корона вирусот, јавува Анадолија.

Таа потсети дека растот на инфлацијата забрза на почетокот на 2022 година и дека во јули 2022 година каматните стапки почнаа да растат.

Таа додаде дека инфлацијата сè уште е многу висока и така ќе остане уште долго време.

„Затоа мораме да продолжиме со циклусот на зголемување на стапките додека не бидеме доволно сигурни дека инфлацијата ќе достигне задоволително ниво“, рече Лагард.

Цените на становите може да паднат
Од јули минатата година, ЕЦБ се обидува да ја заузда инфлацијата со зголемување на каматните стапки и се чини дека ќе опстои на строгата монетарна политика во наредните месеци, пренесува Хина, повикувајќи се на Ројтерс.

Цените на становите во еврозоната би можеле да паднат „хаотично“, бидејќи становите стануваат недостапни за граѓаните и непривлечни за инвеститорите поради високите каматни стапки, предупреди претходно ЕЦБ.

Тоа е еден од неколкуте ризици истакнати во анализата на ЕЦБ за финансиската стабилност, при што повисоките трошоци за задолжување и побавниот економски раст ги повредуваат компаниите и домаќинствата.