Катар и Германија потпишаа 15-годишен договор за снабдување со гас

57

Катар во вторникот објави дека потпишал 15-годишен договор со Германија за снабдување на земјата со течен природен гас, во услови на глобална енергетска криза предизвикана од војната во Украина.

Договорот меѓу катарската државна фирма „Катар енерџи“ и американската компанија „КонкоФилипс“ ќе придонесе за напорите за поддршка на енергетската безбедност во Германија и Европа, изјави на прес-конференција катарскиот министер за енергетика Саад Шерида Ал-Каби, пренесува Бета.

Според договорот, почнувајќи од 2026 година, Катар ќе доставува до два милиони тони течен природен гас (LNG) годишно на гасниот терминал во изградба во Брунсбител на северот на Германија, рече министерот, а пренесува ФП.

ConocoPhillips има удел во морското поле на гас во Катар во Персискиот Залив, кое Катар го дели со Иран, пренесува АП.

Германија, која беше водечки увозник на руски гас пред почетокот на војната во Украина, од крајот на август не доби ниту една испорака на гас од Русија.

Германија гради пет терминали за течен природен гас како клучен дел од планот за замена на испораките на руски гас, а првиот терминал се очекува да биде оперативен наскоро. Повеќето од сегашните испораки на гас за Германија доаѓаат преку Норвешка, Холандија и Белгија.

Како дел од напорите на Германија да спречи краткорочен недостиг на енергија, се вклучени и привременото реактивирање на електрани на јаглен и продолжување на работата на три нуклеарни централи кои требаше да бидат затворени до крајот на оваа година.

Кина, Јапонија и Јужна Кореја се главните пазари за гас во Катар, додека европските земји сè повеќе бараат договори со Доха од почетокот на руската инвазија на Украина во обид да обезбедат различни извори на енергија.