Кажи ми како патуваш до канцеларија, за да ти кажам како работиш

115

Информациите за тоа како работникот патува на работа, собрани преку паметни телефони и фитнес тракери, може да ги предвидат индивидуалните перформанси во работниот процес, велат научници. Методот има потенцијал да помогне да се подобри продуктивноста и задоволството на вработените.

„Вашето патување до работа предвидува како ќе ви помине денот“, вели Ендрју Кембел, професор по компјутерски науки на Институтот Дартмут, главен истражувач и коавтор на студијата.

„Оваа студија покажува дека мобилниот надзор може да идентификува како патувањето до и од канцеларијата влијае на [продуктивноста на] поединечни работници“, рече тој, цитиран од TechXplore.

Учесниците во студијата користеа тракер Garmin vivoSmart 3 и апликација за паметен телефон со екран на допир. На овој начин, физиолошките и бихејвиоралните обрасци се „доловуваат“ за време на патувањето до работа, вклучувајќи ги нивоата на активност, користењето телефон, отчукувањата на срцето и стресот. Системот, исто така, доловува надворешни фактори како што се локација, време, времетраење на патувањето и нестабилноста на работното место.

Истражувачите анализирале податоци од 275 работници собирани повеќе од една година пред пандемијата на Ковид-19. Работниците, од кои речиси 95% возат, се набљудувани додека патуваат.

„Успеавме да изградиме модели за машинско учење за прецизно да ги предвидиме перформансите на овие луѓе на работното место“, рече д-р Субиџија Непал, докторант во Дартмут и главен автор на статијата.

„Клучот беше да се биде во можност објективно да се процени стресот од патувањето до работа, заедно со физиолошкиот одговор на доживувањето“, додава тој.

За евалуацијата се поставени два критериуми за оценување на работата: „контрапродуктивно работно однесување“ и „организациско граѓанско однесување“. Контрапродуктивното однесување намерно и штети на организацијата. Граѓанското однесување се смета за корисно. Параметрите на двете мерки беа утврдени со редовно пополнување на прашалници.

„Високо ефективните вработени покажуваат поголема конзистентност во однос на времето кога пристигнуваат и го напуштаат работното место“, вели Пино Аудиа, професор по менаџмент и организација на Tuck School of Business, виш тимски научник и коавтор на студијата.

Според него, тајната на високата продуктивност може да лежи во доброто самоорганизирање и придржувањето до „добрата рутина“, што се гледа од начинот на кој патувате до работа.

Некои од наодите на студијата гласат:

• Високо ефикасните вработени имаат тенденција да покажуваат физиолошки индикатори кои се конзистентни со физичката подготвеност и отпорноста на стрес;

• Луѓето со ниска ефикасност имаат повисоки нивоа на стрес во времето пред, за време и по патувањето до работното место;

• Луѓето со ниска ефикасност повеќе го користат телефонот за време на нивното патување до работа;

• Работниците кои се вклучени во „активни форми на патување до работно место“, како што е пешачење, обично покажуваат зголемена продуктивност на работа;

• Вработените луѓе имаат тенденција да поминуваат повеќе време патувајќи од работа до дома, отколку на пат до работното место.

Новите наоди се во согласност со резултатите од претходните студии, според кои стресот, вознемиреноста и незадоволството при патување до работа може да доведат до пад на ефикасноста на вработените, зголемено контрапродуктивно работно однесување, послабо „организациско граѓанско однесување“.

Според истражувачите, ова е прва студија која користи ненаметливи уреди кои се носат (Wearable) и паметни телефони за да ги предвиди перформансите на вработените само врз основа на податоците за патување до работното место. Претходните студии користеа понаметливи и скапи технологии, како што се системи со електрода за глава што може да се носи.

За истражувачите, наодот значи дека „ова е важна област за идни истражувања во областа на перформансите“. Сепак, не е познато дали е ова добра вест за вработените доколку во иднина работодавците се заинтересирани да применуваат технологии за следење на работниците надвор од канцеларијата, со цел да се „предвиди“ нивната продуктивност.