Ќе има ли деветти пакет санкции од ЕУ?

62

Полска, Латвија, Литванија и Естонија, кои се за поостри и побрзи санкции на Европската унија против Русија од почетокот на војната во Украина, ги притискаат другите европски земји и Европската комисија истовремено да се договорат за плафонот на цената на нафтата и деветтиот пакет санкции на ЕУ против Москва.

Во неформалните консултации меѓу европските амбасадори и ЕК сè уште не е покренато прашањето за деветтиот пакет санкции, пренесува Политико. Другите дипломати, наводно, не се ентузијасти од идејата на споменатите четири земји да ги поврзат повисоките цени на нафтата со нови санкции, тврдејќи дека пакетот не е готов и дека нивното поврзување само ќе ги отежне работите.

Според неименувани претставници на ЕУ, предлогот за новиот пакет предвидува санкционирање на поединци. Меѓу нив има руски функционери, пропагандисти, директори и други личности кои го поддржуваат режимот на рускиот претседател Владимир Путин. Земјите од ЕУ предложија долги списоци со имиња, а експертите на ЕК во моментов проверуваат дали споменатите лица можат да бидат поврзани со војната во Украина.

Членовите на Европскиот парламент ја повикуваат ЕУ да ја прогласи руската паравоена група Вагнер за терористичка организација. Приватната платеничка армија претходно беше вклучена во руските воени операции во Сирија и други земји, а сега дејствува во Украина. Европските пратеници тврдат дека групата Вагнер го крши меѓународното право во Украина.

Деветтиот пакет, според иницијативата на Полска и балтичките земји, треба да вклучи ембарго за трговија со руски дијаманти. Наведените земји се залагаат до крајот на тековната година да се воведе деветтиот пакет санкции. САД и Велика Британија веќе го санкционираа увозот на неиндустриски дијаманти од Русија, а во ЕУ дијамантите од Русија најмногу се тргуваат во Белгија.

Европската унија не треба да се фокусира на усвојувањето на деветтиот пакет санкции против Русија, туку на решавање на последиците од претходните осум, кои нанесоа екстремна штета на европските економии, изјави минатата недела унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, пренесе ТАСС.

„Санкциите дефинитивно не функционираат. Досега санкциите повеќе им наштетија на оние што ги воведоа отколку на оние против кои беа воведени. „Мислам дека сега е време да се преиспита целата политика на санкции и да не се занимаваме со деветтиот пакет санкции, туку со она кон што претходните осум ја доведоа Европа“, рече Сијарто. Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека против Русија се воведени 11.000 санкции, но дека тие не дале резултати.

Во меѓувреме, обидите на Русија да го користи сопствениот систем за плаќање Мир во меѓународните плаќања, како алтернатива на санкционираните системи Visa и Mastercard, наидуваат на се повеќе пречки. Од деветте земји кои потпишаа договор со Русија за користење на системот Мир, шест се повлекоа во последните два месеци поради предупредувањата од американското Министерство за финансии дека ќе го санкционира секој кој овозможува или поддржува користење на рускиот платен систем, пренесува Блумберг.

Западните земји ги зголемија санкциите против Русија од почетокот на војната во Украина. Прекините во синџирите на снабдување ги зголемија цените на горивото и храната низ ЕУ и во САД, доведувајќи ја инфлацијата на рекордно ниво и предизвикувајќи значително зголемување на трошоците за живот.