
Кина има намера да ги зајакне економските и комерцијалните врски со Европската Унија, рече кинескиот вицепремиер Хе Лифенг, како што извести новинската агенција Ксинхуа.
Хе ја пренесе позицијата на Кина за време на состанокот со европскиот комесар за трговија, Марош Шефчович, во Пекинг.
Со оглед на тоа што годинава се одбележуваат 50 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу Кина и ЕУ, Лифенг подвлече дека Пекинг е подготвен да соработува со Брисел во заштитата на мултилатералниот трговски систем и справувањето со заканите од новите трговски пречки.
Шефчович потенцираше дека Кина е важен партнер на ЕУ и ја изрази подготвеноста на Унијата да ја искористи годишнината како прилика за унапредување на економската соработка. „Имаме заеднички интерес да ги решаваме билатералните и глобалните предизвици, како и разликите меѓу нас“, напиша Шефчович на социјалната мрежа Икс.
Сепак, Европската Унија има одредени грижи во врска со економските односи со Кина, особено поради недостатокот на реципрочен пристап до јавните набавки, трговските ограничувања и проблемите со преносот на податоци.
Кина, од друга страна, нагласи дека има желба да го интензивира дијалогот со ЕУ за разрешување на економските и трговските недоразбирања.