Кина даде лиценци за целосно автономни такси – ги вози робот, без оператор во возилото

84

По неколку години тестирање и развој на неколку различни автономни возила, како и неколку компании кои веќе ставија во функција делумно автоматизирани такси, Кина оваа недела ќе ја добие својата прва целосно автоматизирана такси услуга. Тамошните власти и дадоа лиценца за роботски такси без возач или безбедносен оператор на технолошката компанија Baidu, а таа се однесува на градовите Вухан и Чонгкинг.

Дозволите не ги опфаќаат сите области на овие градови, туку одредени делови – економско-технолошката деловна зона на Вухан и околу 30 квадратни километри од областа Јонгчуан во Чонгкинг. На Baidu ќе му биде дозволено да сообраќа таму со својата флота на автономни такси од 9 до 17 часот, односно од 9:30 до 16:30 часот, и ќе наплаќа за возења вообичаено, а  во истото време веќе нема да има специјален оператор во кое било такси за да се грижи за сообраќајот и безбедноста на патниците.

Ова е прва лиценца од ваков вид во Кина. Во Пекинг, на пример, Baidu, Pony.ai и Toyota имаат лиценци за автономни такси возила, но во градот тие сепак мора да имаат безбедносен оператор. Досега единствено место каде што им беше дозволено привремено целосно возење без човечки надзор беше на отворени патишта на строго дефинирани подрачја.

од Baidu велат дека ова е многу голем и значаен чекор во развојот на роботаксија, како за нив така и за целата индустрија.

– Ако го споредиме со истражување на вселената, овој момент е сличен на оној кога луѓето слетувале на Месечината – изјави Веи Донг, шеф за безбедност во сообраќајот во оваа компанија.

Baidu планира да ја прошири својата роботска такси услуга Apollo Go во дури 65 градови до 2025 година, а на стотина од нив до крајот на деценијата. До крајот на оваа година во својот возен парк ќе додаде 300 нови автономни возила. Еден од предусловите за проширување на мрежата на автономни возила е V2X (vehicle-to-everything) инфраструктурата, особено проширувањето на брзите 5G мрежи. Тие им овозможуваат на возилата да се поврзат меѓу себе и со контролниот центар, да собираат информации за сообраќајот и животната средина во реално време и да ги споделат со целата флота.