Кинески Geely сака да купи дел од Renault

62

Кинескиот производител на автомобили Geely и една нафтена компанија во моментов се во преговори за преземање на дел од Renault, тврдат извори блиски до францускиот автомобилски гигант.

Renault планира да го подели својот бизнис на два дела, едната компанија која ќе се занимава со развој на мотори со внатрешно согорување, додека другата би била задолжена за електрични возила.

Кинеската Geely е заинтересирана да преземе дел од компанијата за развој на мотори со фосилни горива, но засега Renault и Geely не се изјасниле за ова прашање. Од друга страна, Nissan, кој е долгогодишен партнер на француската компанија, не е заинтересиран да инвестира во развој на бензинците и дизелашите на Renault.

Според одредени најави, Renault оваа есен ќе ги објави плановите за создавање компанија посветена на електрични возила која ќе биде лоцирана во Франција, но и друга која ќе биде во странство и која ќе вклучува развој и производство на бензински и дизел единици, како и менувачи во фабриките во Шпанија, Португалија, Турција, Романија и Латинска Америка.

Renault сака да остане мнозински акционер во „Ampere“ дивизијата за електрични возила, која ќе вработи околу 10.000 луѓе. Сепак, што се однесува до „Horse“ одделот за мотори со фосилни горива, француската компанија планира да биде малцински акционер. Два извори соопштиле дека Renault ќе поседува 40 отсто од акциите на компанијата, додека Geely би можел да го има истиот удел, а нафтената компанија ќе преземе 20 отсто од акциите.

„Geely“ од година во година го зголемува своето присуство во Европа, откако тие ги презедоа компаниите Volvo и Lotus, а дополнително имаат удел и во Mercedes.
Според еден од изворите, конечниот договор за Ranault се уште не е постигнат, па француската компанија се уште ги разгледува понудите.