Кинеските Тему и Шеин ги зголемуваат цените во САД поради царините на Трамп

Тему и Шеин  ги зголемија цените на многу производи за американските клиенти, како одговор на американските царини од 120% што стапуваат на сила следната недела. Двете компании претходно ги информираа клиентите дека ќе има зголемување на цените.

Американските клиенти што купуваат на Тему и Шеин, платформи што ги набавуваат поголемиот дел од своите производи од Кина, досега во голема мера избегнуваа плаќање царини благодарение на ослободувањето што се однесува на пратки во вредност помала од 800 долари. Тоа ослободување, познато како „de minimis“, истекува на 2 мај, поради извршна наредба потпишана од американскиот претседател Доналд Трамп претходно овој месец.

„Поради неодамнешните промени во меѓународните трговски правила и обичаи, нашите оперативни трошоци се зголемија. За да продолжиме да ви ги нудиме производите што ги сакате без да правиме компромиси со нивниот квалитет, ќе има корекции на цените. Правиме сè што можеме за да ги одржиме цените ниски и да го минимизираме влијанието врз вас“, се вели во известувањето што Шеин неодамна го објави на својата веб-страница.

Тему испрати слична порака до клиентите: „Поради неодамнешните промени во меѓународните трговски правила и обичаи, нашите оперативни трошоци се зголемија. За да продолжиме да ви ги нудиме производите што ги сакате без да правиме компромиси со нивниот квалитет, воведуваме нови цени што стапуваат на сила на 25 април 2025 година.“

Двете платформи ги повикаа купувачите да ги извршат своите купувања пред 25 април за да избегнат плаќање повисоки цени. Сепак, сè уште не е јасно дали клиентите кои нарачуваат стока пред тој датум ќе избегнат плаќање на царина од 120% ако нивните пакети пристигнат по 2 мај.