Климатската криза се заканува да ја наруши светската економија поради проблеми со осигурувањето

Сè поголем број водечки осигурителни компании предупредуваат дека климатските промени стануваат таков проблем што наскоро може да биде тешко или дури и невозможно да се осигурат многу ризици поврзани со природни катастрофи.

Доколку просечната глобална температура се зголеми за 2,7 до 3 степени Целзиусови, многу домови, бизниси и инвестиции нема да можат да добијат соодветна заштита од осигурителните компании, предупредува претставникот на компанијата „Алијанц“, Гинтер Талингер.

Ова значи дека голем дел од средствата би можеле да останат незаштитени, што сериозно би ја загрозило глобалната економија, пренесува CNBC.