Еден од најважните чекори за една жена, па и за секој, е да стане економски независен. Тоа е едно од најважните лични, но и човекови права. Претприемништвото е само еден модел (алатка) кој го овозможува истото и ги доближува можностите за успех до нас, жените, вели во интервју за Бизнис Инфо, коосновачот на студиото за графички дизајн Контура, Елена Донева.
Бизнис Инфо: Како започна вашата приказна?
Нашата приказна започна во 2012 година, кога јас и мојот бизнис партнер Баже Тофиловски решивме да ја формираме Контура, како студио за графички дизајн. Веројатно тоа беше логичен чекор поради нашата успешна долга соработка во минатото на повеќе странски и македонски проекти. Искуството што го собравме работејќи последните неколку години исклучиво за странски компании ме мотивираше да учествувам на еден од првите натпревари за бизнис план во нашата земја. Освоивме четврто место од десетте наградени труда и добивме парична награда од 120.000 денари. Условот беше да регистрираме фирма и да почнеме да работиме.
Вака во најкратки црти се создаде Контура, со двајца вработени (јас и Баже), 120.000 денари, компјутери од дома и поддршка од најблиските. И тоа беше се со што располагавме.
Искрено, не очекувавме дека Контура ќе расне и ќе стане ова што е денес. Бевме двајца графички дизајнери, сосема задоволни од нашата прва канцеларија. Се одомаќинивме и изградивме пријатна и удобна атмосфера за работа. Тука започна предизвикот. Сè повеќе работа и сè повеќе клиенти. Сликата која ја имавме на почетокот многу брзо се надрасна. Се појавија првите проблеми, најпрво со печатењето, бидејќи таа услуга ние директно не ја нудевме и иако имавме многу знаење во таа област, сепак користевме услуги од други соработници. Тешко можевме да се потпреме на дел од нив. Имаше доста отстапки од роковите. Квалитетот не беше секогаш на завидно ниво, а сето тоа се одразуваше на крајниот производ. Без разлика што дизајните ни беа одлични, ретко бевме задоволни од она што го добиваме на крајот. Со Баже често се прашувавме: Зошто не се грижат за нас, како ние што се грижиме за нашите клиенти?
Поттикнати од ситуациите во кои немавме контрола и не зависеа од нас, решивме да почнеме да ја нудиме и услугата печатење и секако, се што доаѓа со тоа. Изгледаше на голем и страшен чекор. Како мали деца се радувавме на првиот принтер, професионален нож за сечење на хартија, автоматска хефталка… Машина по машина, принтер по принтер, полека, во склоп на Контура започна да функционира и дигиталната печатница која создаде услови за наша контрола на квалитетот, а со тоа и одлични крајни производи и нормално, задоволни клиенти.
Денес дизајнерскиот сектор на Контура брои тим од десетина одлично синхронизирани и горди Контурци и неколку стручни соработници кои активно ги ангажираме на нашите проекти. Во моментов опслужуваме повеќе од двесте редовни и задоволни деловни субјекти од различни видови на индустрии со целосни креативни решенија и печатени материјали.
Бизнис Инфо: Вие сте дел од градењето на имиџ и визуелен идентитет на компании и организации, кои клиенти се дел од вашето портфолио?
Нашите клиенти се разновидни… мали, средни и големи субјекти. Секој нивен проект претставува предизвик во кој се впуштаме со искрен ентузијазам. Работиме на исполнување на нивните цели и создаваме уникатна стратегија која соодветствува на нивните потреби.
Доказ за тоа е нашето богато портфолио со успешни проекти и креативни решенија на логоа, флаери, каталози, брошури, разни промотивни производи. Создаваме прекрасни книги и монографии… Нудиме концептуално спакувани корпоративни подароци. И на крај откако ќе ја спакуваме “приказната“ нудиме високо-квалитетно печатење на промотивните материјали во многу прецизни и брзи рокови.
Нашата главна цел е да направиме позитивен исчекор во целокупниот имиџ и визуелен идентитет кој го имаат македонските компании и организации. Да им помогнеме да ја раскажат нивната приказна. Сакаме да ја зацврстиме нивната контура и заедно да изградиме стил и насоки преку кои успешно ќе продолжат да комуницираат со нивните клиенти и соработници или да ги промовираат услугите и производите.
Бизнис Инфо: Што беше најлесно, а што најтешко изминатиот период во работата на вашата компанија?
Одлично прашање кое ме предизвика да размислам темелно на оваа тема… Контура постои веќе осум години. Во целиот овој процес на градење на нашата компанија секогаш најлесно ми беше дизајнирањето и креативниот дел од работата, а најголем предизвик ми беше менаџирањето, како нешто ново и непознато.
Со зголемување на бројот на клиенти и вработени полека почна да се “бистри“ потребата од графички дизајнер да се претворам во менаџер, управител, лидер. Можам да кажам дека на моменти дури и ме исплаши сознанието дека тоа мора да се случи, доколку сакам Контура да расне, да оди напред. Значи, од една удобна и комфорна позиција во која што се чувствував максимално исполнето, влетав во предизвик кој тогаш не го очекував.
Ситуациите со кој се соочувавме беа на моменти и поразувачки. Еве еден конкретен пример со кој веројатно се соочуваат сите мали компании кои брзо напредуваат: кога бројот на вработени се зголемува, нивото на ефективна комуникација се намалува. Неочекувано, а од денешна гледна точка, толку природно и логично.
Тоа беше и првиот момент кога сфативме дека треба да направиме мал стоп и енергијата да ја пренасочиме овој пат кон внатре, градејќи нови процеси и односи во Контура, како нов систем кој треба да се воспита, образува и израсне. Систем кој треба да стане силен и моќен и да се носи со напливот на нови клиенти, а сепак да испорачува квалитетни креативни и печатарски решенија.
Бизнис Инфо: Грижата за клиенти е постулат за успешно работење, кои фактори се пресудни за одржување и доверба кај клиентите?
Како дел од бизнис заедницата на Македонија сметаме дека заслужуваме економија која му овозможува на секој поединец да успее преку напорна работа, знаење и посветеност.
Свесни сме дека првиот чекор кој треба да го направиме за промената која ја посакуваме се задоволни клиенти. Искуството ни покажа дека следниве фактори се пресудни за градење на цврста врска и доверливост:
- Испорачуваме вредности за нашите клиенти. Ја продолжуваме Контурската традиција и борба за исполнување и надминување на очекувањата на нашите клиенти.
- Инвестираме во нашите вработени. Нашите вработени се клучен фактор за одржување на довербата и успешна соработка со клиентите и соработниците.
- Правично и етичко однесување. Посветени сме да служиме како добри партнери и соработници на другите компании и бизниси кои ни помагаат да ги исполниме нашите мисии.
- Поддршка за заедницата во која работиме. Ги почитуваме луѓето во нашата заедница, придонесуваме за развој на истата и ја заштитуваме животната средина прифаќајќи одржливи практики во нашите деловни активности.
На овој начин веруваме дека ќе создадеме долгорочна соработка со нашите клиенти, партнери и добавувачи. Процесот е двонасочен. Благодарение на нив, ние можеме да инвестираме, да растеме и напредуваме. Посветени сме на транспарентност и ефективно ангажирање на истите во сите процеси кои се потребни за нашата работа. Грижата за клиентите ја манифестираме низ сите процеси, големи и мали…И секој од нив за нас е суштински важен. Ние сме посветени на испорачување вредности кон сите нив, за иден успех на нашите компании и бизниси, нашите заедници и нашата држава.
Бизнис Инфо: Едно од правилата на модерниот менаџмент е тимската работа, каков е вашиот став, кои особини треба да ги имаат луѓето со кои креирате?
На нашата работна табла е напишано следново:
- Creativity and Innovation
- Critical Thinking and Problem Solving
- Communication and Collaboration
Ова е она што Контура го барала, го бара и секогаш ќе го бара од своите вработени.
Контура инвестира во нејзините вработени. Ова започнува со фер плата и обезбедување на бенефиции. Преку обука и едукација развиваме нови вештини потребни за брзата промена на светот околу нас и потребите на нашите клиенти. Покрај професионалниот развој сметаме и дека личниот развој на секој наш вработен е многу важен елемент, кој придонесува за подобра и поефективна комуникација и разбирање. Контура стимулира разновидност и инклузивност, достоинство и почит.
Во креирањето на добар тим клучна улога има и менаџерот. Тој треба да биде катализатор на добрите практики. Добро да ги познава членовите на тимот со сите нивни различности, можности и останати плусови и минуси.
Јас се трудам да бидам менаџер и управител кој ги мотивира оние кои знаат. Да го извлечам најдоброто од нив. Не морам, не можам и не сакам да знам сè. Но, се трудам да ги мотивирам вработените да ги стекнат потребните знаења, да им овозможам да го применат знаењето на конкретни проблеми и да учат еден од друг. Сметам дека вака ќе создадеме околина во која секој член на тимот активно ќе придонесува, ќе се развива, ќе се чувствува вредно и храбро ќе ги решава предизвиците.
Искуството ни покажа дека ова е одлична основа на која можеме да градиме тим кој е натпросечен и ги надминува очекувањата. Тим во кој сите сакаме да работиме. А тогаш настанува една магична синергија и веќе 2+2 не се 4, туку 10.
Бизнис Инфо: Со какви предизвици се соочувате како жена претприемач, постојат ли бариери и стереотипи?
Предрасуди секако дека постојат кај нас, а и во светот, и борбата со нив е еден од тие големи предизвици. Жените се наоѓаат во една неблагодарна ситуација, акцентирано во професиите кои се “машки“. Тие мора да се докажуваат повеќе, да поседуваат повеќе квалификации, образование и вештини за да докажат дека можат да ја работат истата работа.
Искуствено сметам дека жените многу често страдаат од низок кредибилитет во бизнисот и морам да признаам дека тоа знаело да ме допре како професионалец. Низ целата моја професионална кариера (и како графички дизајнер и сега како жена – менаџер и претприемач) имаше неколку вакви незгодни и помалку убави моменти. Но, јас сум карактер кој сака предизвици, сака да ги решава истите, па во ниеден момент не ме обесхрабриле, демотивирале или одземале нешто. Напротив, желбата за докажување била уште поголема, а поддршката од моето семејство и сопругот на која сум многу благодарна дополнително ме мотивира да ги претворам сопствените амбиции во дела.
Бизнис Инфо: Колку жените се вклучени во вашата “фабрика“ за креативни решенија и печатени материјали?
Во нашиот “Етички кодекс“, покрај другото, многу јасно укажуваме на следново:
“…Сите вработени лица во Контура се исти. Не постои дискриминација врз основа на возраста, полот, етничкото или социјалното потекло, на јазичната или расната припадност, на политичките убедувања, на брачниот или фамилијарниот статус, на инвалидноста, сексуалната ориентираност или на каква и да е друга основа…“
Мојот став е дека работното место не смее по секоја цена да го добие жена само за да се запазат некои замислени бројки или проценти за еднаквост. Сметам дека работната позиција не подразбира полова поделба. Сите вработени треба да бидат проактивни, да делуваат и да се изборат за местото/позицијата која ја заслужуваат.
Контура во 2016 го доби признанието за родово одговорна компанија доделено од edplakto.mk. Во Контура, жените се рамноправно застапени и како број, и како учество во сите креативни и организациски процеси. Но, тоа е сосем случајно. Никогаш тоа не било пресудно ниту влијаело некако на нашите менаџерски одлуки.
Контурките се храбри, креативни, вредни и нивниот придонес за ова што сме денес е голем, а моја задача е да им овозможам здрава и квалитетна околина во која што ќе можат да се развиваат професионално и да напредуваат.
Бизнис Инфо: Оваа креативна работа бара да бидете во чекор со времето со нови технологии, знаења, вештини дали инвестирате во технологија и едукација?
Гледано низ дизајнерска призма, Контура од самите почетоци ги прати трендовите и новите случувања. Ги едуцираме нашите клиенти за новитетите; се трудиме успешно да ги доближиме до нив и сугерираме дали и кога треба да се употребат трендовите низ нивните креативни решенија. Ова е must have за секое дизајнерско студио.
Едукацијата пак има клучна улога во растот на Контура. Многу брзо по онаа свечена дата на отворање на бизнисот сфативме дека мора да учиме и да се едуцираме. Најпрво ние, а потоа и останатите вработени. Во 2018 година формиравме и сектор за човечки ресурси кој има голем удел за правилен професионален развој преку соодветни средства и алатки, обуки и работилници. Како менаџери, морам да напоменам дека голем удел во нашиот развој има CEED Македонија кој е дел од меѓународна мрежа на претприемачки центри, каде што ја добиваме потребната едукација.
Еве и да се пофалам со нешто најново, само што ја завршив академијата за дигитален маркетер во Институт Концепт и искуството беше фантастично. Одлични професори, пријатна атмосфера, многу нови знаења кои ќе и помогнат на Контура, и група на учесници која искрено ги надмина моите очекувања.
Континуирано инвестираме во печатарски машини, во нашите вработени, обуки и едукација, нови процеси и нови производи и секогаш може подобро и подобро. И ќе продолжиме да го правиме тоа.
Во моментов, секторот за развој и иновации на Контура (засега најнов и скромен, од само два члена , но верувајте, многу надежен) работи на збогатување на нашата еко – програма со сертифицирани рециклирани хартии и други еко и биоразградливи материјали погодни за печатење. Ова е само еден од светските трендови во насока на зачувување на нашата околина и заедница.
Бизнис Инфо: Има ли проект на кој сте многу горда?
Имам работено на многу проекти и сите ме прават горда. Работам како графички дизајнер скоро две децении кои се исполнети со навистина многу проекти и проткаени со уживање во процесот на дизајнирање и креирање. Апсолутно секој проект бил важен и ме изградил во ова што сум денес, па и оние помалку успешните.
Сепак, најголем предизвик е кога имам задача да пренесам порака која е општествена, која може да направи голема промена и да делува кон менување на свеста кај луѓето. Задачата како дизајнер е визуелно да ја доближите пораката до нејзината публика и да помогнете правилно да биде разбрана од истата.
Последен ваков проект е креативното решение за билборд кој го работев за Хера на темата „Воведување на задолжително сеопфатно сексуално образование во училишта“. Темата е многу важна за сите нас. Заслужува големо внимание и навистина се вложив да ја пренесам сериозноста на пораката до оние кои треба да ја видат. Ете на овој проект сум навистина горда, а кога ги видов билбордите низ цело Скопје, беше баш супер. 🙂
Бизнис Инфо: Дизајнерите испраќаат визуелна порака, каква совет би испратиле вие на жените кои сакаат да отпочнат свој бизнис?
Еден од најважните чекори за една жена, па и за секој, е да стане економски независен. Тоа е едно од најважните лични, но и човекови права. Претприемништвото е само еден модел (алатка) кој го овозможува истото и ги доближува можностите за успех до нас, жените.
Мојата порака до сите нив е: Доколку имате идеја и желба, тогаш ви недостасува само храброст за да започнете. А доколку на момент ја изгубите, само погледнете ги многуте релевантни и успешни примери за жени претприемачи и лидери кои се постојано присутни во светот и кај нас. А потоа создадете околина во која се почитуваат вредностите и работете го она што го сакате.