
Албанија е земјата во Европа која најбрзо го губи своето население, поради неусогласеноста меѓу понудата и побарувачката на работни места, која е намалена по падот на социјализмот, но е далеку од рамнотежа. Исто така, иако Албанија прави импресивни чекори во економските трансформации – секој можеше да види дека земјата, која беше многукратно посиромашна од Југославија во 1991 година, сега е на исто ниво со Северна Македонија, Србија или Босна и Херцеговина – повеќето инвестиции се врзани за главниот град Тирана или брегот. Тоа им остава малку надеж на Албанците од внатрешноста, а со тоа и на многу иселеници.
Од друга страна, Албанија е една од најбрзо растечките туристички дестинации на Медитеранот, каде што одличните плажи, гастрономијата и пријателските локални жители привлекуваат милиони туристи секое лето во изминатата деценија.
Бидејќи Албанија е слабо поврзана со остатокот од светот по пат и железница, таа – како Црна Гора и голем дел од Грција – се етаблира првенствено како воздушна дестинација. Минатата година беше рекордна за албанскиот туризам, предводен од Драч, Валона, Саранда, а од неодамна и сè поинтересните албански планини.
А таму каде што има многу иселеници и многу туристи, има и многу летови. И тука доаѓа главниот аеродром во Албанија, Ринас во Тирана, кој во последниве години постојано се наоѓа на прво место – или на самиот врв – на листите со најбрзо растечки аеродроми. Меѓународниот аеродром во Тирана (ТИА) опслужил дури 10,7 милиони патници во 2024 година, што претставува раст од 48 отсто во споредба со претходната година и импресивни 225 отсто повеќе од 2019 година. Нето добивката ќе изнесува дури 41,3 милиони евра.
Инвестиции, инвестиции…
Се поставува прашањето – како Тирана го постигна тоа? Зошто многу потрадиционалните пазари и аеродроми „се мачат“ со профитабилноста и зголемувањето на бројот на патници или зошто земјите со речиси идентични понуди, како Црна Гора, не можат да ги постигнат резултатите на Албанија?
Првиот фактор се, се разбира, инвестициите – но внимателни инвестиции, како оние што ги направи Групацијата Кастрати, која го презеде управувањето со аеродромот во 2020 година. Инвестираше многу пари во инфраструктурата, околу 100 милиони евра, што значително го зголеми просторот на аеродромот – површината на терминалот е зголемена за повеќе од три пати.
Но, тоа не е крајот – проектот сè уште е во тек и до крајот се очекува аеродромот да има дури 100.000 квадратни метри терминална површина, пишува црногорскиот портал Инвеститор, додавајќи дека овие инвестиции овозможиле значително зголемување на капацитетот, побрз проток на патници и подобрени услуги.
Разлики во моделите
Често слушаме дека белградскиот аеродром Никола Тесла е еден од најбрзо растечките, но разликите во моделот на раст се повеќе од очигледни. Белград тоа го постигна со инвестирање, пред сè, во националната авиокомпанија, со државни субвенции. Сè уште е мал бројот на нискобуџетни авиокомпании, како и бројот на летови (во споредба со големината на аеродромот и градот).
„Рајанер“ со години го заобиколува Белград, а концесионерот, француската компанија „Винчи“ постави услов во близина да нема аеродроми со голем број патници, што практично ја задушува конкуренцијата и тоа се одрази на нишкиот аеродром „Константин Велики“. Тоа, пак, не донесе поголем број на патници од регионот, бидејќи жителите на тој дел на Србија почесто летаат од Софија, Скопје и Приштина, која исто така бележи силен раст.
Од друга страна, клучен фактор за растот на Ринас е соработката со нискобуџетните авиокомпании. Wizz Air и Ryanair доминираат на албанскиот пазар, со пазарен удел од 54,84% и 22,23%, соодветно. Друга работа е укинувањето на монополот на меѓународните летови, што ги намали цените на билетите и ја зголеми конкуренцијата.
Слична стратегија беше имплементирана од аеродромот во Приштина кој брзо расте.
Гледаме дека земјите од регионот не го следат примерот на Србија ниту во привлекувањето субвенционирани странски директни инвестиции ниту во управувањето со најголемиот аеродром. Тие гледаат кон Албанија. Во Црна Гора, во тек е процесот на предавање на аеродромите во Подгорица и Тиват на управување со концесии, а коментаторите го наведуваат моделот Ринас (официјално – аеродромот Мајка Тереза). Во следните неколку месеци, Владата на Црна Гора ќе избира меѓу тројца кандидати на тендерот: Меѓународната корпорација на аеродромот Инчеон од Јужна Кореја, Корпорацион Америка аеродроми (CAAP) од Луксембург и турскиот ТАВ.
Во секој случај, стратегијата на Ринас сега се проучува како пожелен бизнис модел и се надеваме дека некој овде ќе „копира“ барем некои елементи од оваа успешна приказна.