Кои се придобивки од осигурување на живот?

173

Сè поголемиот број на финансиски производи во нашата држава е показател дека расте свеста кај населението за потребата на разни начини да ја обезбедат својата финансиска иднина.

Во зависност од тоа колкава аверзија имаат спрема ризикот, за некои луѓе тоа е штедење во банка, за други вложување во доброволен пензиски фонд, додека за трети инвестиција во недвижнини или пак хартии од вредност. Сè поголем е бројот на оние кои се одлучуваат да купат животно осигурување. Тоа е пред сè производ којшто не е наменет само за неговиот корисник, туку и за неговите најблиски во случај на смрт, колку и да звучи неубаво.

Поради фактот што луѓето не сакаат многу да размислуваат за смртта, компаниите за животно осигурување најмногу го нудат овој производ во комбинација со штедна компонента, што значи дека освен покривање на ризик од смрт, со овие животни полиси луѓето можат да заштедат за поудобна старост или пак да им дадат поголема поддршка на своите деца кога ќе го започнуваат нивниот живот.

Станува збор за осигурување со т.н. штедна компонента каде по истекот на осигурителниот период, осигуреникот ги добива средствата кои ги вложил.

Дополнително, преку овој инструмент осигуреникот обезбедува финансиска сигурност на најблиското семејство во случај на настанување на несреќен настан со фатални последици (смрт).

Доколку настане некој од ризиците коишто ги покрива полисата, корисникот на осигурувањето ја добива целата осигурена сума. Практично, ова е единствен финансиски производ којшто вклучува штедна компонента, а истовремено покрива ризици од појава на болест или несреќен случај.

Кои се придобивките од овој вид услуга?

Секогаш се добива сигурен облик на штедење со истовремено осигурување, се добива препишана добивка, загарантирана исплата на парични средства по истекот на осигурувањето. Плус се обезбедува финансиска сигурност за семејство и се создава капитал за идни планови. Исто така, се создава капитал за времето кога приходите ќе се намалат, особено по заминување во пензија.

Фото: Pixabay