Кој ќе им служи на 40 милиони туристи? Грција бара 80.000 работници

Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници. Според проценките и недостасуваат 80.000 работници.

На фасадата на меаната „Каријатис“, сместена на плоштадот под Акропол, има знак: „Бараме персонал, готвачи, келнери, кујнски работници“. Со оглед на рекордниот број туристи што се очекува да ја посетат Атина ова лето, сопствениците на ресторани не сакаат ништо да остават на случајноста.

„Станува сè потешко да се најдат вработени“, изјави за „Гардијан“ Димитрис Статокостопулос, кој го води ресторанот со својот брат: „Туризмот дефинитивно расте, но денес Грците претпочитаат да избираат канцелариски работи од 9 до 5 кои не бараат работа ноќе или викенди“.

Со оглед на тоа што туристичката сезона е пред вратата, потрагата по персонал доби неочекувана итност. Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници.

Недостатокот е толку голем што се проценува дека угостителскиот и хотелскиот сектор – ‘рбетот на туристичката индустрија што ја движи грчката економија со удел од 25% од БДП – сè уште има недостиг од околу 80.000 работници.

Статокостопулос не е единствениот претприемач кој се бори да најде персонал за својата популарна таверна во текот на веројатно најпрометниот период од годината. Низ целата земја, хотелиерите се натпреваруваат да најдат рецепционери, чистачи, спасители, портири, келнери и готвачи.

Од популарните острови како Крит и Родос, има извештаи дека хотелиерите крадат работници од своите конкуренти нудејќи подобри плати и услови за работа.

„Делумно ова е последица на пандемијата што ја почувствува цела Европа, но во Грција проблемот е особено изразен“, рече Јоргос Хоцоглу, претседател на Грчкото здружение на угостителски и туристички работници (ПОЕЕТ).

„Сведоци сме на невиден недостиг на квалификувани и искусни работници, особено во хотелската и угостителската индустрија, по егзодусот на вработените за време на карантинот. Многумина никогаш не се вратија. Резултатот е потреба од приближно 80.000 нови работници“, објаснува Хоцоглу.

Туристичката сезона станува подолга поради климатските промени
„Создадени се 500.000 нови работни места во сектори кои се движат од градежништво до логистика, малопродажба и здравство“, рече Спирос Протопсалтис, директор на Грчката јавна служба за вработување (DYPA): „Мислам дека реториката околу слободните работни места е малку претерана, но сè уште има неискористени извори на работна сила, пред сè жени“.

Министерството за туризам предвидува 40 милиони посетители до 2028 година – речиси четири пати повеќе од населението на Грција – главно од Индија и Кина. Туристичката сезона се продолжува и поради промените во навиките на туристите предизвикани од климатските промени.

Грција почна активно да регрутира работници во странство, одржувајќи саеми за работа во Германија, Холандија и Велика Британија. Освен странците, тие се надеваат и дека Грците што заминаа за време на финансиската криза ќе се вратат, истакнува Протопсалтис: „Им кажуваме на луѓето да се вратат. Грчката економија повеќе не е она што беше кога заминаа. Сега работи одлично“.