Колективно греење на сиромашните во спортски сали- Германците кројат планови за зимата

66

Властите на германските градови формираат кризни штабови и развиваат планови за обезбедување греење на граѓаните кои нема да можат да ги платат сметките во текот на претстојната зима, пишува „Билд“.

Властите на Лудвигсхафен, во германската покраина Рајнланд-Пфалц, планираат да организираат колективен центар во спортска сала каде што ќе можат да се загреат граѓаните кои не можат да се справат со поскапувањето на гасот и струјата.

Во моментов се подготвуваме за сите вонредни сценарија за есен и зима – изјави градоначалничката Јута Штајнрук за „Билд“.

За овие потреби се размислува за реновирање на спортскиот центар „Фридрих Еберт хол“ во Лудвигсхафен, кој до неодамна служеше како центар за вакцинација.

„Билд“ пишува дека сличен план постои и во Нојштад, Франкентал и Ландау. Други планови за заштеда на енергија вклучуваат исклучување на светлата во јавните згради и исклучување на семафорите во текот на ноќта.

Во градот Рендсбург е откажана изградбата на традиционалното божиќно лизгалиште. Портпаролката на градските власти рече дека единиците за ладење трошат многу електрична енергија и дека би било неодговорно да се троши енергија поради предвидениот недостиг на гас.

Германските власти со месеци го повикуваат населението да заштеди струја за до зима да се наполнат складиштата за гас. Германија е силно зависна од гас од Русија, но поради санкциите испораките се намалени. Капацитетот на фабриката во Германија во моментов е исполнет 63 проценти.

Во понеделник почнува закажаната годишна инспекција на гасоводот „Северен тек“, преку кој Германија добива гас од Русија. Од 11 до 21 јули испораките преку тој гасовод целосно ќе престанат.

Како што претходно објави „Билд“, повикувајќи се на прогнозите на Здружението за домување, поскапувањето на струјата во Германија во 2022 година ќе ги погоди потрошувачите потешко отколку што се мислеше. Во ова здружение се претпоставува дека дополнителните трошоци за домаќинствата составени од едно лице ќе бидат 2.700 евра годишно, а за четиричлено семејство – 5.000 евра. Методологијата за пресметка не е објаснета во статијата.

Цените на енергијата во Германија растат од крајот на 2021 година, а оваа динамика се забрза по почетокот на инвазијата на руската армија во Украина.

Според податоците на Сојузниот завод за статистика на Германија, трошоците за енергија во јуни се зголемени за 38 отсто. Германската влада, исто така, планира целосно да ја прекине зависноста од рускиот гас до 2024 година.