Колку сладолед произведува и извезува ЕУ?

54

Во текот на минатата година, во Европската унија се произведени повеќе од 2,9 милијарди литри сладолед што е намалување од 9% во споредба со претходната година. Во истиот период, земјите членки на ЕУ извезле 232 милиони килограми сладолед во земјите што не се членки на Унијата, што достигна вредност од 752 милиони евра. Од друга страна, лани се увезени 79 милиони килограми сладолед во ЕУ на што се потрошени 182 милиони евра, покажуваат податоците на Eurostat.

Меѓу земјите членки, Германија во 2020 година беше најголем производител на сладолед со 642 милиони литри. По нејзе следат: Франција (516 милиони литри во 2019 година) и Италија (509 милиони литри).

Освен што е најголем производител, Германија во просек произвела најевтин сладолед од 1,3 евра за литар. Франција има најголема цена од 2,2 евра за литар сладолед, а просечната цена на произведениот сладолед во Италија е две евра за литар.

Најголем извозник на сладолед во ЕУ е Франција којашто во 2020 година извела 59 милиони килограми сладолед, што е 25% од извозот на сладолед на земјите надвор од ЕУ. Зад нејзе се Холандија (38 милиони килограми сладолед или 16% од вкупниот извоз надвор од ЕУ), Германија (29 милиони килограми или 13%), Италија (20 милиони килограми или 9%) и Белгија (16 милиони килограми или 7%).

Фото: Pexels