Бездомниците постојано се соочуваат со предизвиците што им ги носи животот. Низ светот постојат голем број хуманитарни организации кои подготвуваат храна, нудат медицинска нега и се обидуваат да најдат засолништа на лицата од оваа ранлива категорија.
Но, освен храната и медицинската нега, треба да се обрне внимание и на хигиената на овие луѓе. Токму тоа беше инспирација за двајцата пријатели во Австралија, Лукас Патчет и Николас Марчеси, кои го отворија првиот мобилен сервис за перење, наменет за бездомниците, пишува Huffington post.
Во јули оваа година, тие го претставија нивниот концепт Orange Sky Laundry. Белото старо комбе доби целосна трансформација, а двајцата пријатели успеаја да купат преносен генератор за електрична енергија, што им ја дава потребната струја на машините за перење и сушење на алиштата. Овие уреди можат да исперат и да исушат 20 килограми алишта за еден час.
За време на тест периодот, Orange Sky Laundry ќе работат на пет различни јавни локации во Бризбен. Двајцата иноватори се надеваат дека ќе можат да го прошират своето работење низ целата земја до крајот на следната година.
Според проценките, во овој австралиски град има околу 300 бездомници, кои додека чекаат да се испере нивната облека, ќе добиваат и бесплатна храна.