Во врска со објавена информација од страна на порталот Pari.com.mk со наслов „За 52 илјади евра Комерцијална ги купи првите 1.000 акции од Стопанска банка Битола“, ја известуваме јавноста дека истата претставува неточна информација.
Комерцијална банка нема реализирано блок-трансакција со акции од Стопанска банка Битола. Заради појаснување го цитираме членот 36 од Законот за преземање трговски друштва, согласно кој „Од денот на објавувањето на намерата за преземање до истекувањето на рокот за прифаќање на понудата за преземање, преземачот не смее надвор од постапката за преземање, директно или индиректно, да купува хартии од вредност на кои се однесува намерата. Правното дело склучено спротивно на оваа одредба е ништовно”.
Со оглед на тоа што Комерцијална банка целосно ги почитува законските прописи, ве известуваме дека Комерцијална банка нема во сопственост ниту една акција од Стопанска банка Битола, ниту додека трае постапката за преземање нема да се стекнува со сопственост на акции од Стопанска банка Битола, сè до евентуално успешно завршување на постапката.
Блок-трансакцијата која се спомнува во текстот е извршена од друго брокерско друштво и за друг купувач, а не за Комерцијална банка.