
Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун бара итна средба со Владата во врска со одлуката за ограничување на маржите. Како што соопшти Комората, одлуката која предвидува 10-процентно ограничување на маржите ќе го доведе во прашање опстанокот на трговците и тие ќе бидат принудени да ги отпуштаат вработените, но и да ги затвораат маркетите.
Штетите, според Комората, ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми со 790 продавници и 4 700 вработени.
Oд Комората велат дека оваа информација ја примиле со голема загриженост.
„Со ваквата одлука, ние како трговци, ќе бидеме ставени во ситуација, да го доведеме во прашање опстанокот на нашите компании, од причина што со ваква маржа нема да можеме да опстоиме. Воедно, ќе мора да донесуваме и рестриктивни одлуки, за отпуштање на нашите вработени и реструктурирање на работењето и затворање на маркетите.
Штетите ќе бидат големи, бидејќи во прашање се доведува опстојувањето на 86 трговски фирми, со 790 продавници и 4.700 вработени. Овие податоци, како Влада сметаме, треба да ве загрижуваат.
Нашето опстојување, е оптоварено и со останатите давачки, како на пример, цената на електричната енергија јануари 2024 – јануари 2025 е зголемена за 72%, за дистрибуција 25%.Платите, во 2024 споредено со 2023 година се зголемени околу 20%, а од март ќе има ново покачување, а трошоците за платите се движат од 12 до 15%. Освен овие, да ги споменеме и другите комунални давачки, сервисирање на опремата со која работиме. Сите овие оптоварувања, немаме можност да ги издржиме со бруто-маржа од 10%, односно нема да можеме стоката да ја ставиме на рафт, а не да ги услужуваме нашите потрошувачи.
Односно, со 10% бруто-маржа, не можеме да ги покриеме оперативните трошоци, кои се движат од 15-20%.
Во целост ја оспоруваме оваа одлука за ограничување на маржите на 10 проеценти и бараме итно да се најде заедничко решение за оваа состојба.
Посочуваме, да се земат во предвид и анализите, кои покажаа дека маркетите не се одговорни за зголемувањето на цените, туку ценовната политика ја водат доставувачите и производителите.
Да потенцираме дека никогаш не ги зголемуваме цените самостојно, туку промената се случува поради промените на цените на производителите или доставувачите и токму поради ова маркетите се под постојан притисок да се прифатат новите ценовници. Доколку тоа не се направи, не се испорачуваат производите.
Од ова произлегува притисокот врз маркетите и од потрошувачите или за цените или за недостигот на производи. Само во јануари до маркетите се пристигнати ценовници од над 40 доставувачи и производители во 92 категории и поткатегории производи. Профитната маржа кај маркетите од година во година опаѓа, а кај нив се зголемува.
Ако се погледнат бројките, се гледа и вистината, дека супермаркетите не се причината за зголемените цени. Додека трговците работат со минимални профити, доставувачите продолжуваат да остваруваат значителни маржи, без да ги намалат цените.
Бараме да се пристапи кон изнаоѓање на причинителите на состојбите и да се бара одговорност од нив, а не да се префрла вината на трговците. Проблемот треба да се реши трајно, да се направи контрола за заработката и маржата од производителите и увозниците и на крај трговците.
Ние бараме да се најде разумно решение, да се создаде хармонија помеѓу сите чинители, со цел да функционира целиот систем и да работиме успешно сите, како вистински деловни партнери.
Како сериозни и посветени стопанственици, со долгогодишно постоење и работење во секторот трговија, не сакаме да преземаме радикални мерки, протести, блокади… и затоа бараме итна средба со Владата за да ги образложиме состојбите.
Досега во формирањето на цените не се мешала ниту една Влада бидејќи имаме пазарна економија и цените се формираат во зависност од понудата и побарувачката. Ако има зголемена понуда, цените сами се намалуваат без да интервенира Владата, а за да се зголеми понудата, треба да се зголеми производството“, се вели во јавното обраќање на Стопанската комора на трговци на големо и мало.











