Компаниите треба повеќе да вложуваат во интернет маркетинг

25

1-2Дел од оценките на учесниците на Go click и Google конференцијата за современ маркетинг, што денес се одржува во Скопје се дека компаниите и медиумите во Македонија ја препознаваат новата ера за развој со помош на интернет маркетингот и социјалните мрежи.

Конференцијата е во организација на специјализираната регионална агенција за интернет-маркетинг Goclick, најголем регионален партнер на гигантот Google.

Предавачите кои се меѓународни специјалисти во областа, ги претставуваат можностите за поефективно пристапување на домашните и на странските пазари пред претставници на извозно ориентирани компании. Тие изнесуваат детали за успешен маркетинг на интернет, како најатрактивен медиум за огласување и привлекување клиенти и корисници.

Специјалистот за социјални мрежи во компанијата Goclick од Словенија, Лука Нахбар Цвикл, истакна дека компаниите треба да вложуваат во интернет маркетингот за да можат да имаат резултати и во услови на голема конкуренција и економска криза.

“ Во Македонија треба се повеќе да се дискутира за интернет маркетинг и на луѓето да им се укаже дека вреди да направат обиди за вложување што повеќе пари во интернет маркетингот. На македонскиот пазар има потенцијал бидејќи Македонија е една од државите со највисока пенетрација во Европа”, изјави Цвикл.

Тој смета дека основа за успешно работење за секоја компанија  се добра идеја, добар бизнис план и креативен маркетинг.

“Во услови кога се помалку се огласува на телевизија, радио и во весници, треба да се искористат потенцијалите на интернет огалсувањето”, оцени Цвикл

Според него првенствено е потребна веб страница со убав дизјан и лесен пристап до информациите за задржување на постојните и привлекување нови потрошувачи и клиенти.

Основачот на GoClick Александра Лелов, оцени дека е добро што компаниите сакаат да научат за  различните маркетинг активности, како да придобијат нови купувачи, да изградат бренд и да го подобрат односот со потрошувачот.

“Потенцијалите на интернет маркетингот се препознаени. Интернетот драстично им го смени животот и на компаниите и на потрошувачите. Компаниите треба да се приспособат на сите промени, да го следат развојот и да ги искористат можностите од интернетот и новите технологии”, рече Лелов на отворањето на конференцијата.