– Европските синдикати стравуваат дека „Компасот за конкурентност“, што Еврокомисијата го промовираше вчера со цел поттикнување на растот на економијата на блокот, би можел да ги поткопа правата на работниците во ЕУ.
Европската конфедерација на синдикати (ЕУТЦ) оцени дека „т. н. Компас за конкурентност“ дава „безброј ветувања“ за бизнис заедницата на ЕУ, но не вклучува посветеност на мерки што би биле од корист за обичните граѓани.
– Иако е добредојден како прв чекор кон европската индустриска политика, овој нацрт бара преговори и значителна ревизија, изјави генералната секретарка на ЕУТЦ, Естер Линч, додавајќи дека со поволностите што им се даваат на европските компании се ризикува „поткопување на работничките права и работните услови“.
Линч истакна дека за синдикатите се неприфатливи и предлозите во „Компасот“ за пензиски реформи и „иницијативите кои промовираат подолг работен век“.
– Компаниите нема да ги спасат регулативи кои ќе ги направат работните места помалку безбедни или кои ќе ги принудат луѓето да работат до 70-годишна возраст, додаде шефицата на Европската конфедерација на синдикати, која има околу 45 милиони членови ширум ЕУ.
Од друга страна, генералниот директор на Конфедерацијата на европскиот бизнис, Маркус Бејрер оцени дека „Компас за конкурентност“ обезбедува „координати и јасни насоки за да се донесе бродот до неговата дестинација“.
Според него, ЕК треба да даде приоритет на намалувањето на регулаторното оптоварување на бизнисите, ако сака да го исполни ветувањето за „олеснување на водењето бизнис во Европа“.
Поддршка за „Компасот за конкурентност“ изрази и втората влијателна организација на работодавачите во ЕУ, Европската тркалезна маса за индустрија (ЕРТ), која го поздрави „намалувањето на административните трошоци“ за сите компании од блокот.